Пред десетици години имавме прашања од типот зошто мора да има протести за женски права, но одоговорот е секогаш ист, потребна е видливост. Сега таа видливост е потребна за ЛГБТИ луѓето, вели пратеничката и лидерка на ДОМ, Маја Морачанин во интервју за „360 степени“.
Во пресрет на Парада на гордоста која ќе се одржи на 26 јуни во Скопје, Морачанин вели дека ЛГБТИ групата е загрозена по повеќе основи и затоа овој настан е потребно да се организира со цел давање на видливост на овие луѓе во општеството.
„Потребна е видливост на оваа група која е дискриминирана во општеството, е маргинализирана и е мета на говор на омраза, па дури и на насилство од омраза. Едноставно мора да биде видлива заедницата, затоа е и Прајдот. Тоа е исто како и сите други останати протести што се случуваат во државата, но кога се протестира за некоја друга тема никој не се прашува зошто мора, а кога се работи за ЛГБТИ заедницата, тогаш секогаш се вели дека и не мора баш да протестираат“,
вели Морачанин.
Според неа, има и прогрес во насока на правата на ЛГБТИ заедницата и во тој контекст ја споменува ЛГБТИ собраниската група која се формираше пред четири години.
„Собраниската група за ЛГБТИ правата е составена од 14 пратенички и пратеници од различни политички партии. Ние се залагаме за унапредување на правата на оваа заедница, има напредок, но се разбира дека не е доволно. Јас сум координаторка на оваа собраниска група, а пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски е заменик-координатор и сметам дека ваквите групи се одличен начин за надминување на партиските поделби“,
вели Морачанин.
Таа најви дека во сабота, на 26 јуни, ќе присуствува на Прајдот во Скопје и ќе одржи и говор.