Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека коронавирусот кој се појави во кинескиот град Вухан претставува вонредна ситуација на глобално ниво и прогласи вонредна состојба на меѓународно ниво откако бројот на случаи на заболени со коронавирусот за една недела се зголеми за повеќе од десет пати.
СЗО соопшти дека глобалната итна ситуација претставува „вонреден случај“, што значи дека претставува ризик за другите земји и оти е неопходен координиран меѓународен одговор.
Одлуката, исто така, на земјите им наметнува построги критериуми во пријавување на случаи на заразата.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гребрејесус ја објави одлуката по состанокот со Одборот за итни случаи на СЗО, независен панел на експерти, по се поголемиот број докази за ширење на вирусот во 18 земји.
„Главната причина за оваа прогласување не е она што се случува во Кина, туку во другите земји“,
рече Гебрејесус на прес-конференција во Жeнева.
Тој додаде дека постои загриженост дека вирусот ќе се шири во земји со послаб здравствен систем.
Црна Гора и Чешка не примаат кинески државјани, утре евакуација на околу 250 европски граѓани
Црна Гора и Чешка се двете земји кои денеска одлучија поради коронавирусот да не примаат кинески државјани на нивните територии, откако претходно одлука да не издаваат визи на Кинези донесоа и Русија и Виетнам.
Црногорскиот државен секретар за туризам Дамир Давидовиќ денеска потврди дека е договорено со туристичките организации, кои носат туристи од Кина, да се откажат сите аранжмани на неопределено време, поради ширење на коронавирусот.
Министерот за здравство на Црна Гора, Кенан Храповиќ, пак, истакна дека под здравствен надзор се наоѓаат 212 лица кои влегле во земјата. Овие лица имаат обврска да им се јавуваат на здравствените власти, а „сите гранични премини се целосно опремени“.
Чешките власти, пак, соопштија дека покрај забраната за виси се размислува и за воведување забрана за летови од Кина.
За визите информацијата ја потврди министерот за надворешни работи на Чешка, Томас Петшичек, кој изјави дека повеќе не се издаваат нови визи, ниту се примаат нови барања додека чешкиот премиер Андреј Бабиш за националната телевизија изјави дека Владата би можела да одлучи да ги прекине летовите од Кина.
Кога станува збор за останатите европските земји, меѓу последните вести е и таа дека во Франција е потврден шестиот случај на коронавирус. Веста вечерва ја потврдија тамошните здравствени власти. Минатиот петок во оваа земја беа откриени првите три случаи на инфекција со новиот вирус. Четвртиот случај беше потврден во вторникот, а петиот вчера.
За да се спасат од коронавирусот, утре од градот Вухан, кој е жариштето на вирусот, цел авион со европски државјани треба да биде евакуиран. Станува збор за околу 200 граѓани на Велика Британија и околу 50 други лица од кои најголемиот дел – дваесетина се државјани на Шпанија.
Прв случај на ширење на коронавирусот од човек на човек во САД
Во САД, пак, е регистриран првиот случај на ширење на коронавирусот со пренесување од човек на човек, соопшти денеска американскиот Центар за контрола и превенција на болести.
Случајот е откриен во американската сојузна држава Илиноис кај сопругот на една жена која патувала во Кина и е, исто така, заразена. Двајцата се на околу 60-годишна возраст.Со тоа бројот на заразени од епидемијата во САД се зголеми на шест лица.
Додека целата светска јавност со внимание ја следи ситуацијата со коронавирусот, Универзитетот „Џон Хопкинс“ од Балтимор креира мапа која во реално време ја покажува состојбата со коронавирусот во светот – од бројот на заразени, до починати и излечени, во секоја земја како што тие се пријавуваат.
Според оваа мапа, вкупниот број на досега заразени со коронавирус е над 7.000 лица, а од нив најмногу се во Кина.
Интерактивната мапа можете да ја погледнете ТУКА.