Ако причина за пролонгирањето е потребата од дополнителни консултации на ЕК со најзасегнатите држави членки на ЕУ, тогаш документот што ќе произлезе од тој процес, па макар и со задоцнување, ќе може да се смета за дефинитивно усогласен и нема да има потреба од негово дополнително коригирање
Од Европската комисија доаѓа најава за уште едно, второ по ред одложување на објавувањето на новата методологија за пристапните преговори со земјите кандидатки за членство. Ревидирањето на овој документ е условот што во октомври минатата година го постави Франција за да се согласи со продолжување на пристапниот процес на Северна Македонија и на Албанија.
Првично, презентирањето на новата методологија беше најавено за вчера, 29 јануари, но беше одложено за 5 февруари. Според последните информации од Брисел, Европската комисија ќе го пролонгира објавувањето за уште неколку дена, во неделата што почнува на 10 февруари.
Иако првиот заклучок по одлагањата може да биде дека тие ќе повлечат одлагање на целиот план на ЕК и еврокомесарот Оливер Вархеји, кој треба да кулминира со одлука за почеток на преговори со Скопје и Тирана на крајот на март, изворот на „360 степени“ тврди дека на одлагањата може да се гледа и низ позитивна призма. Ако причина за пролонгирањето е потребата за дополнителни консултации на ЕК со најзасегнатите држави членки на ЕУ, тогаш документот што ќе произлезе од тој процес, па макар и со задоцнување, ќе може да се смета за дефинитивно усогласен и нема да има потреба од негово дополнително коригирање.
Инаку, ако методологијата се појави до средината на февруари, Европската комисија планира до крајот на февруари да излезе со мини-извештаи за реформскиот напредок на Северна Македонија и на Албанија, како подготовка за евентуална одлука на земјите членки на ЕУ за старт на преговорите за членство со двете држави аспирантки на крајот на март. Состанокот на лидерите на ЕУ, во форматот на Европскиот совет, е закажан за 26 и 27 март во Брисел.
Коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот Бујар Османи дека неносењето одлука во март би било директно мешање на ЕУ во изборите во земјава, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска изјави дека сака да биде внимателен во оценките и очекувањата и дека на земјава ѝ останува да спроведува реформи, а на ЕУ да донесе одлука за почеток на преговори кога ќе биде подготвена за тоа.