Швајцарецот Ралф Неф, кој е светски шампион во планински велосипедизам, со својот експертски тим го анализира теренот кај ски-патеките над Крушево за таму да се изградат патеки за планински велосипедизам
Околината на селото Негрево кај Пехчево, пак, веќе има над 200 километри обележани патеки за планински велосипедизам и планинарење, а регионот Малешевија е на чекор до прогласување заштитено подрачје
Климатските промени, најверојатно, се причината што градот на најголема надморска височина на Балканот, Крушево, добива нови особености.

„Јас паметам зими кога имало и по метар и дваесет снег, ама паметам и зими, како последниве три, кога заврнале 30 сантиметри во првите седум дена и веќе ги нема“,
вели Аце Гиноски – ски центар „Панорама“.

Но, наместо да жали по снегот, овој туристички центар веќе се прилагодува на новите околности. Живописната природа и карактеристиките на крушевските планини се соодветни за планински велосипедизам, спортско качување, планинарење…
Со градење патеки за планински велосипедизам на овие падини се создаваат услови за развој на активен туризам. Со тоа Крушево би било привлечно не само во зима, туку во сите годишни времиња.
Тим од швајцарски експерти, предводен од светскиот шампион во планински велосипедизам, Ралф Неф, го анализираше теренот кај ски-патеките. Треба да изготват план за градење мрежа од велосипедски патеки.

„Се наоѓаме на место на кое планината има навистина добро издигнување за градење патеки. Не е многу стрмно. Ако градите многу стрмни патеки, тие се поопасни и бараат одржување. Видовме дека местото горе има одлично издигнување за да се изгради многу убава кружна патека за сите, за деца и за семејства“,
смета Ралф Неф – светски шампион во планински велосипедизам.

За Неф и неговите соработници, Крушево веќе ги има основните услови, како ресторан на самиот терен, парк со јажиња и пешачки патеки. Сметаат дека треба да се започне со нешто што ќе личи на игралиште на кое посетителите ќе се запознаат со спортот во безбедна околина, а потоа да се продолжи со нешто повозбудливо – велосипедски патеки што го креваат адреналинот.

„Ниту една дестинација за планински велосипедизам не е направена од денеска за утре. Почнуваме полека. Кога имаме клиенти на Алпите, во Австрија и во Швајцарија, кои сакаат да започнат со планински велосипедизам, првата понуда што ја создаваме е нешто многу едноставно. Тоа ги привлекува повеќето луѓе и додава вредност, бидејќи луѓето може да дојдат и да возат“,
вели Лукас Хојслер – одговорен за градење и развој на велосипедски патеки.

Можностите се бескрајни, велат Швајцарците, зашто теренот дозволува во иднина да се изградат професионални патеки и Крушево да биде домаќин на големи меѓународни шампионати.
„Натпреварувањето е секогаш добро за луѓето да видат дека нешто се случува. Ако направите тркачка патека, луѓето гарантирано ќе доаѓаат за да тренираат и гледаат. Децата ќе се мотивираат кога ќе видат дека нивните идоли се напреваруваат тука. Тоа е нешто што треба да го планираме“,
додава Неф.
За спортот да се издигне на тоа ниво, еве што треба да прават крушевчани.
„Мислам дека е важно да се мотивираат младите, да се мотивираат децата во градот да возат велосипеди дури и ако немаат соодветни планински велосипеди. Да возат во шумата, да се изградат мали патеки за нив. Да се подигне овој спорт. Планинскиот велосипедизам е нешто посебно, не е само спорт, тоа е страст. Ако почнете со младите, ова ќе се развива само по себе. Потребни ни се продавници за велосипеди, сервисери, водичи, локални превозници и луѓе што возат и ја познаваат планината“,
вели Неф.
По создавањето патеки и локална заедница на вљубеници во планински велосипедизам, клучна е добра маркетинг-стратегија

„Тоа е како комплетен пакет, не се само патеките. Тие се најважни, но исто така треба да имате инфраструктура, хотели кои се специјализирани за туристи кои се занимаваат со планински велосипедизам, исто така маркетинг-комуникацијата да е специјализирана за таргет-групата кон која цели“,
смета Џошуа Боерер – менаџер за спорт.
Иницијативата Крушево да прерасне во нова бајкинг-дестинација е на ски-центарот „Панорама“ со поддршка од Швајцарската амбасада. Се очекува ова да ја размрда локалната економија.

„Тоа се нашите намери, да донесеме туристи за да создаваме работни места. Тоа е крајната цел зошто го правиме ова“,
вели Сибил Зутер Техада – амбасадорка на Швајцарија во Северна Македонија.
Услови има, а и поддршка.
Малешевија – адреналинска дестинација на чекор до прогласување заштитен предел

И источна Македонија има многу локации погодни за возење точак во планина. Таква е околината на селото Негрево кај Пехчево, дел од Малешевијата. На развојот на ова место работи специјализирана консултантска куќа за планински туризам.

„Најголемата мотивација ни беше потенцијалот на Малешевија. Потенцијалот за планински туризам, за рекреативен туризам, потенцијал за семејства да ја посетат Малешевија, питомоста на теренот, питомоста на луѓето и сето тоа заедно“,
вели Светлана Циривири – mountain experience Macedonia.

Негрево има и патеки за планинарење. Појдовна точка за да се тргне кон планината – пеш или со велосипед – е дворот на Едукативниот центар за зачувување на природата. Во него може да се добијат совети за престој и рекреација на планина, а и да се погледнат примероци од локални животински видови.

„Кога ќе дојде некој посетител, имаме обиколка на едукативниот центар за да го запознаеме со брегалничкиот регион, да го запознаеме со биодиверзитетот што го има во брегалничкиот регион и, секако, преку оваа обиколка и предавање да се подигне јавната свест кај посетителот за зачувување на природата“,
смета Верица Арнаутовска – раководител на Едукативниот центар за зачувување на природата – Негрево.
Обележани се патеки во должина од дури 230 километри. Познавачите сметаат дека пределов има потенцијал за три пати повеќе од досега обележаното.
„Прво правило е да се запознае дестинацијата, можностите и потенцијалот што ги нуди. Запознавањето на теренот, на дестинацијата, е доволен мотив да може да се помине активен викенд или повеќе денови рекреација, како и „хард активност“ ако се користат оние потешките патеки или пешачење на Ченгино Кале или Кадиица“,
додава Циривири.

На само два километри од селото, на локалитетот Јудови Ливади, може да се најде т.н. инсектојадно растение (Drosera Rotundifolia). Според името, многумина очекуваат да видат нешто големо, но тоа е минијатурно и се храни со мали инсекти. Го има на повеќе места на Балканот, а во Македонија – само во Малешевијата и Осоговијата.
„Лачи желатинозни материи на крајот од своите влакненца и тие се атрактивни за инсектите. Инсектите доаѓаат, се залепуваат за желатинозните капки и не можат да се ослободат. Тогаш растението лачи ензими со чија помош ги разградува телесните сокови, ги искористува и потоа надворешниот дел се отстранува со помош на дождот и ветрот“,
додава Арнаутовска.
Токму заради заштита на ваквите ретки видови и зачувување на природните убавини, во тек е процедура за Малешевијата да биде прогласена за заштитен предел. По Осогово, ова би било второто заштитено подрачје во источна Македонија.

„Во завршна фаза е прогласувањето на заштитено подрачје кое нормално ќе даде дополнителен бенефит. Знаете дека заштитените подрачја носат многу поголем развој на самиот туризам, а со тоа и на локалниот економски развој во нашата општина и во нашиот регион“,
изјави Драган Тренчовски – градоначалник на Општина Пехчево,

„Има и лица и засегнати страни кои тежнеат тоа да не се прогласи имајќи предвид дека сепак има ограничувања. Надвладеа мислењето од сите тие разговори дека сепак е подобро дел од Малешевските Планини да влезат во заштитено подрачје кое ќе нуди можности да користиме големи средства преку европскиот појас на заштитени подрачја и секако поттик на локалната економија“,
изјави Звонко Пекевски – градоначалник на Општина Берово.
Малешевијата располага со природни вредности што не се значајни само за Македонија.

„Во Малешевијата се детектирани неколку локалитети коишто се од европско значење и во моментов се подготвуваат да бидат дел од европската мрежа „Натура 2000“ што е многу значајно за нашата држава како подготовка пред влезот во Европската Унија“,
вели Марија Шушлевска – тим лидер на Програмата за зачувување на природата.
Прогласувањето за заштитено подрачје и целиот концепт за туристички развој на Малешевијата се поддржани од Швајцарската амбасада.

„Ако понудите услови како велосипедски и пешачки патеки, ако поставите мапи и сигнализација, тогаш повеќе луѓе ќе дојдат. Луѓето нема да дојдат само за еден ден туку ќе останат овде, ќе преспијат, ќе се хранат и ова создава работни места“,
вели Сибил Зутер Техада – амбасадорка на Швајцарија во Северна Македонија.

По физичката активност на чист воздух и пејзажи што воодушевуваат, посетителите може да пробаат од локалните специјалитети – пити со сирење, зелник, бакардан, крвавица, бабина торта.
„Најголемата специфика е во вкусот. Покрај тоа што постои вариетет на специјалитети коишто ги нема, дури и оние коишто се специфични можеби и за просторот во останатиот дел од Македонија, кај нас се по вкус различни“,
вели Дина Муцунска – менаџер на хотел „Манастир“ – Берово.
Во Негрево организирано беа абасадори од повеќе земји.

„Местото е прекрасно како и цела Северна Македонија. Ова место е посебно, некако енергетско. Прекрасна природа. Сѐ е некако цивилизирано. Имавме можност да се прошетаме“,
вели Наталија Задорожњук – амбасадорка на Украина во Северна Македонија.

„Навистина уживав во денот овде во Малешевија. Природата е убава. Сѐ е убаво организирано. Доаѓам од туристичка земја, но мислам дека и овде имате голем потенцијал. Со сигурност ќе се вратам“,
вели Андреа Силвестри – амбасадор на Италија во Северна Македонија.
Клучно е ваквите места да се развиваат, но без да се интервенира во природата. За вистински да се доживеат.