Не може да се прави урбицид и да се биде зелен истовремено. Не може да гласаш закон што ги легализира дивоградби во заштитени подрачја и да бидеш зелен. Нема никаква логика. Западен Балкан добива неколку милијарди евра од Европскиот зелен фонд, како дел од Европскиот зелен договор, па каде се парите, таму е ДУИ, вели екоактивистот Аријанит Џафери
Во градовите каде што Албанците се мнозинство, градоначалници се кадри на ДУИ и сега одеднаш оваа партија, која ја следеле крупни проблеми од животната средина, наголемо ветува зелена агенда, коментира аналитичарот Сефер Селими
Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, најави дека нивната партиска платформа се менува и сега стануваат зелена партија на која приоритет ќе ѝ биде подобрувањето на животната средина, односно пристапот до чиста вода и воздух, чистењето на дивите депонии, намалувањето на емисиите на гасови. Партијата која беше формирана пред 19 години, со цел да ги застапува интересите на Албанците во земјава, сега го менува правецот бидејќи, како што рече Ахмети, ветувањата во тој дел ги исполниле.
Тој ги повика невладините еколошки организации да ја поддржат нивната агенда и да се вклучат со предлози и идеи. Меѓутоа, невладиниот сектор и активистите не гледаат искрени намери во овие изјави, пред сè поради „бекграундот“ на ДУИ и (не)исполнувањето на обврските во ресорот животна средина, со кој оваа партија управува од 2008 година наваму.
Екоактивистот Аријанит Џафери од невладината „Екогерила“ вели дека придонесот на ДУИ кон животната средина е негативен и штетен, а токму општините што ги водат од кадри на ДУИ се преплавени со ѓубришта, диви депонии, а изградбата на малите хидроцентрали, кои имаат огромно негативно влијание, се случува со „амин“ од Министерството за животна средина, предводено од нивни кадри. Џафери вели дека и инвеститорите се блиску поврзани со функционери на ДУИ, но и на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
„Самиот факт што за оваа голема вест, пред локалните избори, одлучија да организираат настан во паркот во Скопје, укажува на тоа дека во општините што ги предводат не можеа да најдат парк за таков настан. Каков било друг коментар околу ова е непотребен“,
вели Џафери.

Според него, бетонирањето зелени површини, изградбата на резиденцијални и комерцијални комплекси, без никакви стандарди и критериуми, насекаде низ државата поминува со дозвола на институциите со кои раководи ДУИ.
„Не може да се прави урбицид и да се биде зелен истовремено. Не може да гласаш закон што ги легализира дивоградбите во пакет, и тие во заштитените подрачја, и тие во Охридското и другите езера, и да бидеш зелен. Нема никаква логика. Неколку милијарди долари добива Западен Балкан од Европскиот зелен фонд, како дел од Европскиот зелен договор, па каде се парите – таму е ДУИ“,
вели Џафери.
Екоактивистот, за почеток, им порачува на функционерите од ДУИ да ги продадат своите автомобили и да користат јавен превоз, но ги потсетува дека во еден од поголемите градови во земјава, Тетово, во кој постојано има сообраќаен хаос, воопшто нема јавен превоз, што е уште еден долгогодишен пропуст на градоначалниците кои се кадри на ДУИ.
„Исто така, нека ги рушат сите дивоградби во заштитените подрачја, а исто така и сите мали хидроцентрали коишто ги загрозуваат водата за пиење и биодиверзитетот во овие региони. Веднаш нека почнат да ги чистат сите диви депонии и ѓубришта од нивните општини, а и секаде низ државата. Треба да го сменат и Статутот на партијата за да ги додадат компонентите кои се познати како вредности на зелени партии“,
забележува Џафери.
Добра реклама пред локалните избори
За политичкиот аналитичар Сефер Селими, трансформирањето на ДУИ е само добро смислен маркетинг пред локалните избори, кои треба да се одржат наесен. Тој смета дека ДУИ ќе се обиде да привлече внимание со ваква кампања, но и да ги маскира пропустите на нивните градоначалници.

„Зелената агенда што ја најави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, служи како вовед во кампањата за локалните избори. Мислам дека ДУИ преку зелената агенда ќе се потруди да привлече внимание, но и да дефокусира од пропустите на градоначалниците во нивните редови. ДУИ околу 17 години е на власт, а од 2008 година во континуитет го држи ресорот за животна средина. Дополнително, во градовите каде што Албанците се мнозинство, градоначалници се кадри на ДУИ и сега одеднаш оваа партија која ја следеле крупни проблеми со заштитата на животната средина наголемо ветува зелена агенда. Тешко дека може да се препознае искреност во нивните намери и дека ова ќе биде нивни приоритет. Сметам дека е добро осмислен пи-ар за влез во кампањата на локалните избори“,
вели Селими.
Македонија како Швајцарија – да се биде или не
Ахмети во гостување на емисијата „Клик плус“ рече дека тој посакува да ја направи земјава како Швајцарија, но претходниот министер за животна средина од редот на ДУИ, Садула Дураки, во една од ретките средби со новинарите на прашањето околу загадувањето во земјава беше дециден дека Македонија не е Швајцарија.
„Пишуваа и говореа дека планирам да ја кантонизирам Македонија. Еве сме денес, 2021 година, 20 години подоцна, Македонија е членка на НАТО и денес зборувам да ја направам С Македонија подобра земја за сите граѓани, како Швајцарија“,
изјави Ахмети во емисијата „Клик плус“.
Дураки, кој раководеше со Министерството за животна средина, не се прослави во јавноста со реформи кои ќе придонесат за подобра животна средина туку, напротив, тој во едно од ретките соочувања со новинарите рече дека не се занимава со граѓаните и дека ако не се задоволни од воздухот што го дишат може слободно да ја тужат државата.

„Знаете дека ние, Македонија, не сме Швајцарија. Работна група ќе излезе и ќе каже кои чекори ќе се преземат, првпат во Македонија имаме програма за аерозагадување“,
рече Дураки во изјава за Сител во 2018 година.
На прашањето што мисли за најавите дека граѓаните ќе ја тужат држава за загадениот воздух, тој кратко одговори:
„Јас не се занимавам со граѓаните, тие може да тужат“,
Критики од стручната,но и пошироката јавност не одеа само на контото на Дураки, туку често цел беа и политиките на градоначалници на Тетово и на Струга, Теута Арифи и Рамиз Мерко.
Актуелниот министер за животна средина, Насер Нуредини, кој исто така е од ДУИ, за разлика од неговиот претходник, се појавува почесто во јавноста и одговара на прашањата поврзани со животна средина кои се од јавен интерес. Тој најавува дека како Министерство работат на прогласување на нови заштитени подрачја, зајакнување на еколошките стандарди, како што вели, „да се склучи мир со природата“.

„Сметам дека ни се потребни заеднички напори не само од владите туку и од компаниите и граѓаните за да станеме генерацијата што ќе склучи мир со природата. Преку користење транспорт што не му штети на воздухот и избегнување амбалажа за една употреба, ние можеме да станеме дел од решението“,
порача Нуредини по повод Меѓународниот ден на животната средина на 5 јуни месецов.
На последните парламентарни избори кои се одржаа минатата година во фокусот на кампањата на ДУИ беше прашањето „Зошто не Албанец премиер?“ Многумина аналитичари и тогаш и сега препознаваат дека ДУИ прави впечатливи маркетиншки стратегии со кои го изместува тежиштето на дебатата и диктира политичката битка во која успешно ги камуфлира програмските или кадровски потфрлања кои би можеле да бидат ранливи за неа. Со таквиот приод, на последните избори успеа да го зголеми бројот на пратеници од десет на петнаесет.