Додека беше во опозиција, СДСМ го нарекуваше „најголема пералница на пари“ и „урбанистички геноцид на главниот град“, но од 2017 г. е отстранет само еден споменик (на Андон Јанев-Ќосето), а ниеден функционер не е прогласен за виновен
Се случи најлошата реакција што ја најавив – тишина, вели универзитетскиот професор Мирослав Грчев, кој беше дел од Работната група за справување со последиците од проектот „Скопје 2014“, која изготви повеќе елаборати во кои се сугерира отстранување објекти и споменици
Смената на власта не го врати оригиналното лице на наградуваниот објект на Це-ка на архитект Петар Муличковски, во кој е сместена Владата. Тоа остана закопано под гипс-картонот на скопскиот неокласицизам и во меморијата на скопјани.
Најавите за ревизија останаа само најави, а „Скопје 2014“ продолжува да живее и на плоштадот, и на кејот, и по улиците на главниот град.
„Се случи најлошата реакција што ја најавив како најлоша – тишина“,
вели Мирослав Грчев – универзитетски професор.
Естетско, но и правосудно расчистување со „Скопје 2014“ беше еден од главните адути со кои тогашната опозиција доби доверба и за централната и за локалната власт во Скопје.
По преземањето на премиерската функција, Зоран Заев ги намали очекувањата со изјави дека сака да „соблече“ барем една фасада. Во меѓувреме, се откажа и од тоа.
„Дел од граѓаните во земјата се благонаклони кон отстранување на овие споменици. Да бидат ставени на други места. Тоа, исто така, чини пари. Секој долар, секој денар, за нас е многу драгоцен за изноаѓање на решение за секојдневните проблеми. Сите пари што ги имаме, мора да ги ставиме во нашето здравство, образование, нови работни места за младите“,
изјави Зоран Заев – претседател на Влада на РС Македонија. (26 фев 2021 г.)
Четири години по смената на власта, речиси сѐ е исто со „Скопје 2014“ како што беше. Зошто?
„Почитувани, продолжуваме со обелоденување на уште еден сегмент во најголемиот криминал во историјата на Македонија направен преку проектот ‘Скопје 2014’“,
изјави Оливер Спасовски – СДСМ (18 окт. 2013 г.)
„Јавното обвинителство се уште молчи за ревизорскиот извештај во кој се констатирани незаконски потрошени 58 милиони евра за ‘Скопје 2014’“,
изјави Дамјан Манчевски – СДСМ (24 сеп 2013 г.)
Овие прес-конференција од 2013 година се само дел од многубројните слични настани на кои тогашната опозиција обвинуваше за криминал во проектот „Скопје 2014“.
Дебатата ги надмина политичките рамки кога СДСМ ги презентираше т.н. „бомби“, кои потоа станаа докази во судска постапка.
Во 2015 година се формираше Специјалното јавно обвинителство кое почна да ги истражува и сомнежите за криминал во „Скопје 2014“. Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ ја загуби власта, а во јуни 2017 година се формираше новата влада предводена од СДСМ.
За проектот што требаше да чини 80, а сметката стигна до 700 милиони евра, имаше повеќе постапки, кои ги презеде СЈО. Обвинителот Љубомир Лапе во интервју од април 2018 година вели дека предметот е обемен, дека на него работат повеќе обвинители и дека тој е во рана фаза.
„Во едниот предмет што бил во скопското обвинителство има преземено некои дејствија, меѓутоа понатака беше проследен до финансиската полиција. Откако го пронајдов предметот таму, утврдивме дека од 2015 година ништо не е преземено. За тоа е известен директорот на финансиска полиција. Во предметот во организиран криминал што беше, има нешто преземено, меѓутоа многу малку“,
вели Љубомир Лапе – обвинител.
Неколку месеци подоцна, за предметот јавно говореше и специјалната обвинителка. Меѓу редови, најави отворање истражна постапка.
Новинар: Може да се очекува дека до крајот на годината ќе знаеме нешто повеќе за овој предмет?
„Мислам да. Мислам да. Уште малку треба да… Најверојатно, мислам да. Би можела да кажам да“,
одговори Катица Јанева – поранешна шефица на СЈО.
Речиси три години подоцна, предметот за „Скопје 2014“ повторно е во редовното обвинителство и сѐ уште е во почетната – фаза на предистрага.
„Обемноста на прибраниот доказен материјал и потребата за негово детално проучување од страна на обвинителите кои ги имаат преземено предметите оневозможува во моментов со сигурност да Ве информираме кој од овие предмети ќе продолжи со истражна постапка“,
велат од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија.
Меѓу ретките предмети поврзани со „Скопје 2014“, во судска постапка е „Тендери“. Првообвинета е ексминистерката за култура, Елизабета Канческа–Милевска, бидејќи ѝ наложила на фирмата „Бетон-Штип“ да изведува градежни работи на Музејот на ВМРО пред да се спроведе јавна набавка, а како основа бил искористен претходен тендер што го добила фирмата. За предметот што пред 4 години влезе во судска процедура, сѐ уште нема ниту првостепена пресуда.
„Предметот… од обвинителството означен како „Тендери“, е во фаза на доказна постапка односно сослушување на вештото лице по предлог на одбраната. Последната главна расправа е одржана на 4.6.2021 година и продолжува на 15.6.2021 година“,
велат од Основниот кривичен суд Скопје.
На суд е и случајот „Шпански скали“ во кој 11 лица се обвинети за незаконска продажба на државно земјиште во центарот на Скопје, меѓу кои и ексминистерот Миле Јанакиески. Сумирано, досега никој не е виновен за тоа како се потрошија 700 милиони евра наместо 80, а обвинети се само двајца поранешни високи функционери.
Во слична фаза, се чини, е и естетската рехабилитација на центарот на Скопје. Единствениот отстранет споменик од „Скопје 2014“ е оној на Андон Лазов Јанев-Ќосето, кој со својот пиштол и кама „стражареше“ пред комплексот судови.
На негово место беше засадено дрво од видот гинко, симбол на почитувањето на законот и правдата. Дрвото е германска донација, а на симболичниот чин учествуваа германскиот министер за Европа, Михаел Рот, тогашниот германски амбасадор во земјава и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
„Судството да биде независно и ослободено од политичка контрола“,
изјави Петре Шилегов – градоначалник на Град Скопје.
Симболичното дрво и денес расте пред судовите. Но, критиките за проектот „Скопје 2014“ не се задржуваа само на еден споменик.
На хартија сите споменици од „Скопје 2014“ се од т.н. локално значење, во рангот на обична биста. Таков „споменик“ е и Триумфалната порта, која бидејќи очигледно е објект, практично е дивоградба. Сепак, сите се на своите места.
Градот и понатаму го „красат“ и фасадите, залепени на стари згради и тоа само кон страната што е видлива за минувачите. За волја на вистината, запре изградбата на незавршените фасади, па зградите ЕВН или Пелагонија веќе неколку години стојат „голи“.
За проблемите со квалитетот на објектите од „Скопје 2014“ веќе и не се зборува и во нив си функционираат разни државни институции.
А требаше да биде поинаку. Во 2017 година Министерството за култура формираше работна група од пет члена, на чело со професорот Мирослав Грчев. По изготвените елаборати, групата упати препораки до институциите во кои, меѓу другото, се сугерира отстранување на споменикот „Воин на коњ“, „Порта Македонија“ и недоизградениот споменик „Мајка Тереза“.
„Се случи најлошата реакција што ја најавив како најлоша – тишина“,
вели Мирослав Грчев – универзитетски професор.
Според професорот Грчев, работната група што ја координираше повеќе не е активна поради институционалната незаинтересираност.
„Групата практично прекина да биде активна веќе летото пред да почне пандемијата затоа што не наиде, во принцип, на никаков интерес ниту од министерството, ниту од другите органи коишто треба и по закон се должни да постапуваат по кривични дела и големи национални штети каква што е т.н. проект ‘Скопје 2014’“,
додава Грчев.
Грчев вели дека општеството е оставено да се навикнува на градбите и спомениците што за него не е прифатливо ниту од законски, ниту од културолошки, ниту од социолошки аспект.
„Се појавуваат наеднаш приоритети на коишто политичарите реагираат како на свежи пожари коишто трчаат да ги гасат и забораваат на нешто што во политичката перцепција честопати, и сѐ уште гледам, се пренебрегнува“,
смета Грчев.
Најголем дел од спомениците од „Скопје 2014“ ги постави Општината Центар кога со неа раководеше Владимир Тодоровиќ. Актуелниот градоначалник Саша Богдановиќ го прашаме што презеле тие во врска со контроверзниот проект. Тоа што е изградено, вели, не може да се менува додека не завршат правните постапки. Сè уште работат на Деталниот урбанистички план со кој се тежнее да се отстрани сѐ што не започнало да се гради.
„Ако направите каква било грешка во чекори, може да платите огромна сума и штета, бидејќи се потрошени огромни средства, најчесто државни пари. Ќе испаднете вие виновни за нешто за што некој друг бил виновен. Затоа, тоа треба да го терате по други постапки. Кога ќе се донесе новиот план, ако биде така како што сме го замислиле и планирале, тогаш најголем дел од објектите коишто не се започнати, ќе бидат отстранети односно избришани“,
вели Саша Богдановиќ – градоначалник на Општина Центар.
Меѓу предметите за кои чекаат правна разврска, Богдановиќ ги набројува мостот „Око“, Шпанските скали, Офицерскиот дом и други. За него, само судската процедура е вистинскиот пат за докажување каква штета е направена и колку пари треба да се вратат.
Најгласен критичар на „Скопје 2014“, од актуелните функционери, беше Петре Шилегов.
„Последните дождови покажаа дека пералницата за пари на Никола Груевски, Скопје 2014 станува реална опасност по безбедноста на граѓаните на Скопје. Набрзо доаѓа денот кога секој ќе мора да се соочи со одговорност за своите постапки. После 11 декември доаѓа нова влада на која приоритет ќе и бидат здравјето, сигурноста и безбедноста на граѓаните, а сите оние коишто се огрешиле пред законот ќе одговараат“,
изјави Петре Шилегов – СДСМ (9 сеп. 2016 г.).
Пет години подоцна, како градоначалник на Скопје, Шилегов смета дека институцијата што ја води е најпроактивна за „Скопје 2014“. Потсетува дека тој го отстранил Ќосето, ја запрел изградбата на панорамското тркало и се обидува да ги отстрани галиите од реката Вардар, за што се чека судска одлука. Но, Шилегов вели дека други се плашат од порадикални чекори.
„Склон сум дури и на тоа, ако е потребно, да донесеме посебен закон во Собранието. Да заземеме определен став што би направиле со тие работи, што би направиле со активните договори, законски да биде регулирана таа проблематика за да нема субјективни стравови ако се потпишат определени одлуки да не се сноси можеби одговорност. Мислам дека можеби тука е кочницата што постои кај раководителите на институциите. Постои страв дека можеби со носење таква одлука би дошло до некаква контраверза којашто можеби понатаму би била предмет на прогон при промена на власта“,
вели Шилегов.
Шилегов поддржува идеја за изградба на т.н. мементо-парк, во кој би се сместиле сите отстранетите споменици од локациите на кои ги има премногу. Тоа би било и сведоштво за времето во кои биле изградени.
За дел од објектите и спомениците надлежно е Министерството за култура. Иако тоа е институцијата што ја формираше работната група што го анализираше проектот, министерката Ирена Стефоска вели дека едно е да дадете стручно мислење, друго е да терате процес.
„Со стапување на функцијата увудов дека има толку правни јазли и јазови кои сѐ уште не се разрешени, едно чудо бирократски и правни лавиринти коишто се разрешуваат во од, така да кажам, и траат долго, за жал. Дополнително, да не забораваме дека „Скопје 2014“ е траума за нашиот град и оттука треба многу внимателно да се постапува што и како ќе се решава од едноставна причина што не смееме да дозволиме дополнителна конфликтност на поделеното општество. Овој проект го подели градот и општеството“,
смета Ирена Стефоска – министерка за култура.
И Стефоска е поддржувач на идејата за поместување на дел од спомениците во Мементо парк. Планира и да го реафирмира проектот „Ослободување на просторот“ создаден од четири тима млади архитекти, со поддршка на Министерството. Со него земјава во 2018 година учествуваше на Биеналето за архитектура во Венеција. Ги опфаќа објектот на Владата, платото пред Македонска опера и балет со кејот на Вардар, стоковната куќа на плоштад Македонија, објектите на Пошта и МЕПСО. „Ослободување на просторот“ нуди решение – како дел од градбите, без да се рушат, да се трансформираат и преоблечат во модерно руво.
„Имам и обврска како министерка за култура да го реафирмирам во јавноста, бидејќи сметам дека е одлична платформа и визија за тоа како после „Скопје 2014“. Планирам наскоро да ги поканам четирите групи архитекти со кураторите и со комесарот на изложбата, градоначалникот на Скопје, градоначалникот на Општина Центар, токму овде во дворот на Министерството за култура да го продолжиме разговорот за изнаоѓање на чекорите за тоа како експериментот од венециското биенале може да стане стварност т.е. да се преточи во идеен проект“,
вели Стефоска.
Идеи очигледно не недостигаат кај надлежните институции што ги прашавме – што прават со „Скопје 2014“. Но, сите се повикуваат на правно-административни лавиринти кога е во прашање нивно реализирање. Ако тоа воопшто може да биде изговор по четири години од смената на власта. Затоа, дрвото гинко пред судските палати е симбол на многу нешта, но тешко и на правда.