Не знам зошто се создаде фама во јавноста, сите сме против интригашите во урбанизмот, порача министерот за транспорт и врски пред матичната собраниска комисија, каде што законот беше симнат од агендата, по реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ дека не може да се носи по скратена постапка
Предложените измени на Законот за урбанистичко планирање ќе се доработуваат и допрецизираат со вклученост на експерти и преку дискусии, откако со пет гласа „за“, ниту еден „против“ и ниту еден воздржан, пратениците ги тргнаа од дневен ред на седницата на Комисијата за транспорт и врски. Предлогот за повлекување на измените на Законот беше на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која ја обвини власта дека сака на сила и по брза постапка да ги протурка измените без да ја вклучи и експертската јавност.
„Ваков закон не се носи по скратена постапка. Сметам дека треба да се повлече, да се доработи, да се вклучи стручната јавност, а потоа да се пушти во редовна постапка“
изјави пратеничката Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ.
Поддршка на предлогот даде и пратеничката од ДОМ, Маја Морачанин, која оцени дека не може измените на законот да се носат по скратена постапка, а министерот за транспорт и врски Благој Бочварски порача дека власта е подготвена да го слушне повторно мислењето на опозицијата, експертите и невладините, иако уверува дека и сега нивните предлози биле земени предвид пред да ги достават во собраниска процедура.
„Не знам зошто се створи фама во јавноста, сите сме против интригашите во урбанизмот. Членот 35 го дискутиравме со невладините и пратениците и се согласивме да се дообјасни. И нема да се дозволи состојба каде ДУП и ГУП не се усогласени. Прифаќам дебата, но не блокада“
изјави Бочварски.
Измените на Законот за урбанизам се на барање на повеќе градоначалници, посочи Бочварски и кажа дека главна цел е да се спречат злоупотребите на планерските куќи да работат урбанистички планови за само еден денар.
„Најважен аспект на измените е изборот на планерска куќа која најчесто ја избираат општините за изработка на ДУП. Има колизија со Законот за јавни набавки и сакаме да се регулира тоа, изборот да се врши преку тарифиникот и да се забрани фирмите да работат планови за 1 денар. Имавме таков случај, градоначалници не смеат да спречат, зашто сега изборот на фирма е по најниска цена“,
додаде Бочварски.

Предложените измени на Законот за урбанизам вчера ги правдаа и дел од градоначалниците кои уверуваа дека сега ќе се забрза постапката за носење детални урбанистички планови, но ќе се допрецизира и можноста за суспензија. Од друга страна, пак, повеќе архитекти и невладини организации реагираа дека се отвора можноста за „протнување“ на спорните детални урбанистички планови, како делот што го опфаќа паркингот спроти „Холидеј ин“, затоа што во членот 35 ќе се воведат исклучоци за важноста на деталните урбанистички планови. Односно, се додава нов став каде што се наведува дека, по исклучок, одреден детален урбанистички план, донесен согласно генерален урбанистички план кој престанал да важи, може да се применува кога:
„Намените утврдени во деталниот урбанистички план се во согласност со намените утврдени во новиот генерален урбанистички план;
Во новиот генерален урбанистички план е планиран променет профил на сообраќајната мрежа во однос на деталниот урбанистички план доколку со реализација на планираните градби или деловите од планираните градби од деталниот урбанистички план не се попречува реализацијата на сообраќајната мрежа од новиот генерален урбанистички план“
пишува во предвидените измени на Законот за урбанизам.