Кога станува збор за мазутот, Бектеши соопшти дека веќе се вратени неколку цистерни, констатирани се нерегуларности и во внатрешноста на државата, но не сакаше да ги открие имињата на фирмите. На оваа тема во четвртокот зборуваше и премиерот Зоран Заев, кој откри дека се констатирани неправилности во однос на поголемо количество на вода и пепел и најави одземање на лиценци за две-три фирми
Освен за мазутот, почнуваат засилени контроли на терен на сите видови нафтени деривати, конкретно на моторни бензини и дизел, соопшти министерот за економија, Крешник Бектеши, на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за антикорупција, Љупчо Николовски, и новата в.д. директорка на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Анета Симеска-Димоска.

За контрола на бензинот и дизелот се користи мобилната лабораторија на Бирото за метрологија, која е акредитирана. Од утрово се посетени три бензински пумпи, а како што најавија Бектеши и Симеска-Димоска, контролите ќе продолжат и во текот на денот.
„Одлучни сме преку засилени контроли да избегнеме можни манипулации со квалитетот на возилата кои се користат во нашата земја. На тој начин, не само што ќе се заштитат потрошувачите од манипулации, туку ќе се заштити и животната средина“,
рече Бектеши.
Тие не сакаа да откријат чиј бензински пумпи се на нивната листа за денешните вонредни контроли, но како што рече Бектеши, станува збор за бензински пумпи и увозници кои го покриваат најголемиот дел од пазарот во државата.
„Денешните надзори се само почеток на вонредните надзори кои ќе продолжат од утре понатаму и ќе бидат дел од нашите приоритети на целата територија на државата … Со оглед дека лабораторијата е мобилна, во план е вакви контроли да се вршат и на самата граница, секако во соработка со Царинската управата“,
додаде директорката на ДПИ.
Вратени цистерни со мазут – Бектеши не кажува од кои фирми биле
Кога се во прашањата контролите за мазутот, за кој Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави документарец дека во одреден период во земјава биле увезувани токсични нафтени деривати опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз влегувале како мазут, министерот Бектеши рече дека контролите се завршени и наредните денови ќе ги соопштат наодите.
„Во моментов заедно со вицепремиерот Љупчо Николовски ги собираме сите податоци за дистрибуција на сомнителниот мазут, крајниот рок кој го дадовме е следниот вторник кога очекуваме дека ќе ги имаме сите информации за евентуалните злоупотреби на увоз на опасен мазут во нашата земја. За податоците ќе ја информираме јавноста, но ако не се реализирани сите процедури согласно правилникот за квалитет на течни горива и процедурите за увоз на нафтени деривати, документите, како што најавив, ќе ги предадеме на јавното обвинителство“,
рече Бектеши потсетувајќи дека обврски за овие контроли добиле Царинската управа, ДПИ, Министерството за економија и Инспекторатот за животна средина.
Мобилната лабораторија што ја има Бирото за метрологија не се користи за контролите за мазутот, туку испитувањата се прават во две други акредитирани лаборатории сопственост на приватни фирми. Министерот соопшти дека веќе се вратени неколку цистерни со мазут, констатирани се нерегуларности и во внатрешноста на државата, но не сакаше да ги открие имињата на фирмите.
„Само треба да имаме предвид и да ги поделиме работите дека мазутот се контролира во други акредитирани лаборатории. Тие контроли се завршени во ДПИ, посебно со доаѓањето на новата директорка, веќе се вратени неколку цистерни. Јас не би сакал да навлегувам во имиња на компании од кои се врати цистерни. И во внатрешноста на државата се констатирани нерегуларности и е постапено од ДПИ“,
изјави Бектеши кој рече дека не сака сега да зборува за имиња на фирми за да не им го наруши угледот.
Министерот и денеска потенцираше дека согласно новиот Закон за енергетика, нашите правилници, посебно тој за квалитет на горивата, се целосно усогласени со директивите на ЕУ. Истовремено, рече тој, тоа е потврдено и согласно мислењето на Енергетската заедница каде освен квалитет на сулфурот, треба да се анализираат и други параметри.
На оваа тема во четвртокот во Собранието зборуваше и премиерот Зоран Заев, кој откри дека се констатирани неправилности токму по другите параметри и најави дека ќе поднесат предлог за одземање на лиценци за две-три фирми.
На пратеничко прашање од Зоран Јанчев од ВМРО-ДПМНЕ, Заев рече дека досега се утврдило дека сулфурот не е проблем, туку спорно било поголемото количество вода, кое е дојдено до некои четири проценти и поголемо количество пепел во самите количини.
„Согласно тоа, ќе има решение за забрана на вршење дејност на тие компании, но истовремено при самите контроли се увидени нови недостатоци, како што се држење на неопходните резерви од најмалку пет проценти како основ за добивање дозвола за увоз на нафта, соодветно на тоа ќе дадат предлог за одземање лиценца до Регулаторната комисија“
изјави Заев.
Заклучно со вчерашниот ден, според информациите на „360 степени“, до Регулаторната комисијата немаше пристигнато предлог за одземање лиценци.