Во маалото Дуќанџик, во срцето на Скопје, мајки со мали деца не можат да одат ниту на тротоар, ниту покрај тротоар, па дури ниту среде коловоз
Градоначалникот на Чаир поддржува донесување нов закон за легализација на дивоградби, но вели дека тој не треба да го легализира направеното „злосторство“
Кога се зборува за урбаниот хаос во Скопје, се користат примери кои, споредени со тоа што се случува во Дуќанџик, се како од скандинавските земји.

Ова е можеби единственото место во центарот на главниот град каде што може да се види како една бандера „држи“ десетици приклучоци. Или како мајки со мали деца не можат да одат ниту на тротоар, ниту покрај тротоар, па дури ниту среде коловоз.
На која страна и да се свртиш, јасно е дека некој не го почитува или не го почитувал законот и урбанистичките планови – од габаритот на некои од градбите, дуќаните распослани на тротоарите, до возилата паркирани буквално насекаде. А колку на државата ѝ е важно да го врати хуманото живеење покажува фактот што сето ова се случува во непосредна близина на полициската страница Бит-пазар.
Во Дуќанџик, очигледно, сѐ е дозволено за бизнисот, но што со луѓето кои живеат таму?
„Нема паркинг, нема каде да се паркираме со своите автомобили, а не пак за други, доаѓаат од цела Македонија“
„Абе, што да каже човек, се снаоѓаме некако, но многу правила се кршат“,
велат жители на Дуќанџик
Дуќанџик, можеби, никогаш не бил пример за современо урбанистичко планирање, но состојбата не била отсекогаш ваква.
Според историските снимки на „Google Earth“, во 2002 година имало и делови со организирано паркирање на улицата. Но, низ годините секој „слободен простор“ е заземен од градби. На местото на малите куќи, се јавуваат големи кровови, што значи дека нивното место го зазеле згради.

Дека нешто не е како што треба со развојот на локацијата, покажува проверката на Катастарот, каде што и денеска има парцели со новоградби и каде што сопственоста на земјиштето не е приватна, туку на Република Северна Македонија.

Фактот што најголемиот дел од тие градби се впишани во Катастарот, говори дека, во меѓувреме, се легализирале. Тие што не го направиле тоа ќе имаат можност со новиот закон за легализација на дивоградби, ако стапи во сила. Локалното население баш и не се согласува со таквите решенија.

„Тука треба да се направи некоја селекција, има некои луѓе што навистина со последен денар изградиле нешто, да живеат во некои стандардни нормални услови. Но, има и големи знак прашалници.“
„За некои е добро, но за некои не е добро, бидејќи овде се узурпираа многу места, без никаков документ влегол човек, изградиле куќи, во соработка со градоначалникот се правела оваа работа“,
велат граѓаните
Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, има малку поинаков став од жителите. Вели дека откако тој е на власт, никој не градел на државен имот. Проблемот, смета тој, лежи и во Генералниот урбанистички план, кој дозволил преголем развој на квартот.

„Од моментот кога сум градоначалник, никој не можел да гради или да узурпира јавен имот што е во сопственост на Република Северна Македонија. И второ, исто така, имавме градежни марки со Генералниот план, но не со Деталниот план. Генералниот план го донесува Град Скопје каде што во парковите пред некои згради беа предвидени нови згради со Генералниот план, јас со секој нов детален план сум тргнал над 9 градежни марки од таков тип“,
вели Ганиу
Со оглед на состојбите во неговата општина, го прашавме Ганиу – дали е „за“ новиот закон за легализација на дивоградбите. Вели – да, но бара Владата и пратениците да внимаваат што и каде ќе се легализира, бидејќи во моментов има околу 70 000 предмети, но тие се од различен карактер и на различни локации низ државата.
„Мислам дека треба да се донесе закон со кој не се легализираат злосторствата што се направени, туку да се донесе закон за луѓето да станат сопственици каде што имаат право, без да ги нарушат оние делови каде што се заштитени, како од УНЕСКО или многу други работи или прва категорија како Стара чаршија и многу места или споменици кои имаат големо значење“,
рече Ганиу

Скопската населба Ченто е на периферијата на Скопје, но тоа не значи дека не е атрактивна за градење. Проблемот, според жителите на едно од мирните маала претежно со куќи, е што и таму се гради на диво. А, ни овде не станува збор за трошна куќа на сиромашен граѓанин.

Според бетонските столбовите на необележаното градилиште, се гради поголем станбен или деловен објект.

„Станува збор за објект што се водеше како времен и беше направен од лесни материјали и се наоѓаше на државно земјиште. Набрзо никна една табла на која стоеше дека ова ќе биде реконструкција на тој времен објект за после неколку реакции од наша страна, да ја снема таблата на која стоеше дека е реконструкција“,
вели жител на Ченто.
Според Катастарот, бараките кои биле на локацијата имаат приватен сопственик. Но, земјиштето под и околу бараките сѐ уште е државно. Кога веќе е очигледно дека на терен се одвива нешто сосема друго од реконструкција на бараките, граѓаните побарале одговор од Општината Гази Баба, односно од градоначалникот Борче Георгиевски.
„Имаше неформална средба на која се кажа што се кажа. Ние потоа се организиравме, направивме еден убав допис и тоа е поднесено до Општината. Ставено е печат дека е примено во архива, ни рекоа да ќе се постапи за ова. Но, поминаа 10 дена, нема никаков повратен одговор назад што се постапува. Тоа сѐ уште се гради, нема прекин“,
вели жителка на Ченто.

И „360 степени“ се обрати до Општината Гази Баба уште во средата. Баравме да видиме што е предвидено на локацијата според Деталниот урбанистички план, но и дали е издадено одобрение за градба.
„И по пет дена и неколку ургенции, од локалната власт не одговорија на ниту едно од нашите прашања и барања. Колку ли непријатна може да е вистината, штом од општината одлучија дека е најдобро да се молчи“
Додека градоначалникот Георгиевски молчи, на терен си продолжува градбата на спорниот објект. Додека градоначалникот Ганиу, како што вели самиот, ја враќа контролата на терен, во Дуќанџик сѐ уште секој прави што сака. Во овие случаи, поширок закон за легализација ќе биде добредојден за бизнисот, но тешко дека ќе биде добар за старите жители на тие места.