Во Германија е потврден првиот случај на коронавирусот, епидемијата што избувна во Кина кон крајот на 2019 година.
Канцеларијата за здравство во Баварија потврди дека со вирусот е заразен жител на Штарнберг, место на триесет километри од Минхен.
Пациентот засега е во добра состојба и е под надзор на лекар.
Германскиот снабдувач на делови за автомобили „Вебасто“ објави денеска објави дека заразениот со коронавирусот е нивни вработен кој се заразил откако работник од Кина го посетил седиштето на компанијата во Штокдорф, Баварија.
„Компанијата потврди дека лицето заразено со коронавирусот е од Штарнберг и оти е вработено во седиштето на компанијата во Штокдорф“, соопшти „Вебасто“.
„Вебасто“ вчера соопшти дека нивни работник од Шангај бил тестиран за присуство на коронавирусот по посетата на Германија и оти е позитивен.
Компанијата, која има 11 претставништва во Кина, вклучувајќи го и Вухан, кој е жариште на новиот коронавирус, забрани патувањето во земјата
Луѓето што биле во контакт со пациентот биле информирани за можните симптоми на болеста и мерките што треба да ги преземат доколку се промени нивната здравствена состојба.
Германија е втората земја во Европа по Франција каде што е регистриран случај на коронавирус. Сите досегашни случаи беа поврзани со престој во Кина.
Во меѓувреме, кинеските власти ги повикаа сите Кинези да избегнуваат да патуваат во странство во обид да го запрат новиот коронавирус, јави кинеската државна новинска агенција Синхуа.
„Ако нема посебна потреба, се препорачува да се одложи времето на патувањето“, стои во препораката.
Со цел да се намали движењето на луѓето преку границата и со тоа да се спречи коронавирусот, граѓаните што сакаат да заминат во странство треба „да го изберат времето на патувањето со причина“, јави Синхуа, повикувајќи се на Националната управа за влез и излез.
И американскиот Центар за контрола и спречување болести издаде предупредување за патување од трето ниво, со кое се препорачува да се избегнува секое патување во Кина кое не е неопходно.
Бројот на починатите од коронавирусот во Кина надмина 100, а потврдено е дека има повеќе од 4.500 заразени.
Регистрирана е и првата жртва во Пекинг.
Властите во Хубеј, кинеската провинција каде што е жариштето на епидемијата, соопштија дека се потврдени уште 1.300 нови случаи на заразени, од кои поголем број се во болница, а 125 од нив се во тешка состојба.