Во август минатата година Владата донесе одлука да „почести“ седум општини со монтажни лизгалишта.
Рекреацијата за граѓаните ја плати Агенцијата за млади и спорт, а на локалните самоуправи остана да обезбедат услови за поставување и работа на лизгалиштата.
На терен, проектот некаде започна навреме, некаде доцнеше, а во Тетово засега имаат само надеж дека зимава ќе лизгаат на мраз.
Матеа Дончева и Ларгија Симовска не се обични посетители на монтажното лизгалиште поставено во Oпштината Центар. Двете млади девојки ја претставуваат земјава во уметнички лизгање на меѓународно ниво.

„Јас сум учествувала последен пат во Белград, таму освоив 4. место. Има многу јака конкуренција бидејќи сепак ние затворено за 4 месеци не можеме да постигнеме како оние што можат да постигнат. Ама, сепак, чуството е прекрасно“,
вели Матеа Дончева, натпреварувачка во уметничко лизгање
Лизгалиштето поставено со помош од Агенцијата за млади и спорт не е соодветно за професионални тренинзи, но немаат друга опција. Затоа, благодарни се и на ова.
„Го користиме лизгалиштето и лизгалиштата што се поставени низ градот и сме многу благодарни на тоа што имаме можност. Моментално, не можевме сите елементи да ги прикажеме. Значи, можеме и подобро од ова да лизгаме, бидејќи имаше и други во рекреативното, и малце ми беше страв да не ги повредиме,
вели Ларгија Симовска, натпреварувачка во уметничко лизгање
Лизгалиштето во Центар е едно од вкупно седум предвидени да се постават во земјава за време на зимските месеци.
Другите локации се Струмица, Битола, Охрид, Гостивар, Тетово и Куманово. Но, добрата идеја, не следеше и исто таква реализација. На време со работа почнаа четири лизгалишта, две доцнеа, а едно се уште не е отворено.

Иако требаше да биде во служба на граѓаните уште од почетокот на јануари, тоа не се случи со лизгалиштето што се наоѓа во центарот на Тетово. Од општина Тетово велат дека изгубените денови ќе бидат компензирани.
На Нова Година несовесни граѓани запалиле дел од лизгалиштето, па оштетена е оградата и уште поважно – инсталацијата неопходна за правење мраз.

„Врз основа на информации што денеска ги добивме како служба, претставници на Агенцијата за млади и спорт беа во тетовското подрачје, се донесе одлука да се формира комисија за проценка на штетата и таа да биде платена од општина Тетово. Се надеваме дека изгубените денови за граѓаните од оваа оштетена инвестиција ќе можат да бидат компензирани во наредните месеци“,
вели Арменд Фазлиу од Општина Тетово.
Во соседен Гостивар имаше мало доцнење при поставувањето на лизгалиштето но уште по првиот ден, системот за правање мраз престана да работи.
Сега функционира, но кога времето ќе дозволи.
„Немаше проблем со лизгалиштето само што високите температури беа малку проблем. Ова лизгалиште треба да биде тука до 8 март 2020 година, но тоа ќе зависи многу и од времето“,
вели Лулзим Исеини од Општина Гостивар.
Дури и во рекреацијата, гостиварци не беа на раат од политиката. Иако звучи комично, партиите се скараа затоа кој бил заслужен што градот добил лизгалиште.
Официјалното отворање го означија градоначалникот Арбен Таравари, кој е кадар на Алијанса за Албанците и заменик-директорот во Агенцијата за млади и спорт, Измит Нура, кој доаѓа од ДУИ.
Но, на тоа реагираше поранешниот заменик-директор на Агенцијата за млади и спорт, Газмент Ристеми. Како што објави „Гостиварсот“, тој изјави:
„Лизгалиштето го обезбедивме ние, кадарот на НДП предводена од Весел Мемеди, другите нека сечат ленти и нека ги земат пофалбите.“
Повикувајќи се на неофицијални информации, пак, „Гостиварсот“ пишува дека заслугата за лизгалиштето била на ДУИ, односно дека заменик-министерката за финансии Ширет Елези и државниот секретар во Министерството за култура, Валмир Азири, биле тие што побарале лизгалиште не само во Гостивар, туку и во Тетово.
Проблем со поставувањето на лизгалиштето имаше и во Куманово. Наместо во првите денови од јануари, кумановци добија можност бесплатно да лизгаат во втората половина на месецот, на 19 јануари.
„На локацијата што беше одредена и за која имаше направено елаборат од страна на општина Куманово имавме технички проблеми поради неможност за приклучок на електричната енергија од трафо-станицата која ја имаше во моментов и мораше да реагираат од ЕВН за да биде отстранет тој проблем“,
вели Даниел Стојчевски, директор на ЈП Чистота и зеленило – Куманово.
Сепак, како во Гостивар, така и во Куманово, сега проблеми прави температурата.
„Имаме потешкотии во моментов со одржување на слојот на лед што го имаме поради високите температури и сончевиот период. Се надевам дека во наредниот период ќе имаме пониски температури, како што доликуваат на зимскиот перид и нема да имаме поголеми потешкотии во управување и работењето на лизгалиштето“,
вели Стојчевски.
Во останатите градови – Охрид, Битола и Струмица, немаше проблеми во пуштањето на рекреативните објекти.
За граѓаните да можат бесплатно да лизгаат во овие општини, Агенцијата за млади и спорт потроши 228.000 ЕВРА од буџетот. Фирмата задолжена да ја испорача услугата се вика СОЛКАВ ГМБХ, австриска компанија со подружница во Охрид.
Според договорот објавен од Бирото за јавни набавки, кој е потпишан на 25 декември 2019 година, фирмата имала 7 дена од моментот кога ставила потпис, да ги постави сите лизгалишта. Во случај на нивна грешка, правата на Агенцијата се јасни.
Доколку Извршителот преземените обврски со овој договор не ги извршува совесно, стручно, квалитетно, навремено … по претходно доставеното писмено известување во дополнително оставени рок, Договорниот орган има право … да го раскине овој Договор.
Сепак, од одговорите што ги добивме од „наградените“ општини, може да се заклучи дека причината за тоа што нивните жители почнаа подоцна да уживаат, не е кај фирмата изведувач, туку кај локалните власти.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, е свесен за проблемите во дел од општините, па вели дека може само да замоли кај изведувачот лизгалиштата да останат подолго.
„Според договорот, овие лизгалишта ќе бидат поставени 2 месеца се во зависност од временските прилики. Во согласност со фирмата која што ги поставува, се договоривме да биде и повеќе, ќе гледаме некаде до почетокот, средината на март, се во зависност од, како што кажав претходно, временските прилики за колку што може повеќе да бидат во функција на младите – да се радуваат, да лизгаат, да спортуваат, да практикуваат спорт и со тоа, секако, да бидат среќни и задоволни“,
вели Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт.
Лизгањето е бесплатно, освен во една од општините каде симболично се наплаќа билет, а парите што ќе се соберат ќе завршат во добротворни цели.