Осомничениот во случајот „Империја“ , Орце Камчев, во изјава за порталот Плусинфо му одговори на пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец, кој на прес-конференција рече дека сведочењето на обвинителката Лиле Стефанова ги потврдило сомневањата дека предметот „Рекет“ е ,всушност, поткуп.
Камчев во изјавата го повикува Локвенец да отиде да ги виде доказите кои ги поседува за, како што го нарекува, монтираниот случај „Империја“.
„Така ќе се увери лично дали станува збор за рекет или поткуп, но и кој сè е замешан во случајот. Тоа би му било мудра одлука за него како пратеник од владејачката партија пред да држи вакви предизборни пресови со кои истовремено ме оцрнува и мене како бизнисмен и ѝ нанесува штета на сопствената партија“,
вели Камчев за Плусинфо повикувајќи го пратеникот да го побара во „Орка холдинт“ или телефонски во неговиот кабинет.
Изјавата на Локвенец дека станува збор за потпук следуваше по денешното сведочење на обвинителката Лиле Стефанова.
„Денешните случувања околу предметот во јавноста познат како ‘Рекет’ се повеќе го одмотуваат клопчето на вистината. Денешните случувања се најдобар доказ дека се работи за индиции за кривично дело поткуп. Дека предметот ‘Империја’ свесно се урнисувал преку давање поткуп на обвинители“,
изјави Локвенец.
Во своето сведочење, Стефанова раскажуваше дека кога го повикала Орце Камчев во просториите на СЈО, во еден момент, кога стручниот соработник го носел неговиот адвокат во собата за распит, бизнисменот од џебот извадил лист хартија на чиј врв било логото на „Систина“. На листот имало текст на македонски, но и порака на латиница.
„Камчев ми рече прочитај го латиничниот текст, тој текст ми е напишан од Наташа Савова“,
рече Стефанова.
На листот, според нејзиното кажување, пишувало дека за него и за Сашо Мијалков, во пакет, ќе се преземат определени мерки за да излезе од притвор за кои ќе се погрижи Наташа Савова.