Климатската акција е високо на политичката агенда на Европската Унија (ЕУ), со единствена цел да се постигне целосна климатска неутралност до 2050 година, односно декарбонизација. С Македонија како земја кандидат за ЕУ ги пресликува овие политики, но за приближување кон законодавството на ЕУ потребно е да се усогласат и други регулативи
Како климатските политики може да бидат наша влезница за ЕУ, разговараме со Надица Угриноска, раководител на Одделението за транспорт, животна средина енергетика и регионална политика при Секретаријатот за европски прашања (СЕП)
Дали климатските промени ќе направат промена на игра на глобално ниво?
Свесни сме дека климатските промени се најголем политички и економски предизвик на глобално ниво. Во моментов, како и во постковид-периодот на закрепнување на глобалната економија, се очекува климатската акција да биде еден од главните двигатели на одржлив развој на светските економии. Неопходноста од акција против климатските промени е јасна порака која ја испратија светските лидери на Светскиот самит за климатски промени во Париз, со Парискиот договорот. Пораката за климатска акција е потврдена и од учесниците на Глобалниот самит за климатски промени одржан на 22 април 2021 година, меѓу кои беа и претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон и претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг. Охрабрува фактот што САД повторно се вратија на фронтот за борба против климатските промени.
Климатските политики се високо на агендата на Европската Унија, а С Македонија како земја кандидат за членство е дел од повеќе процеси за намалување на климатските промени и подобрување на животната средина. ЕУ ја помага С Македонија во повеќе сегменти од оваа област, може ли да се направи еден пресек на она што е досега имплементирано, а што е во тек?
Климатската акција е високо на политичката агенда на Европската Унија (ЕУ), со единствена цел да се постигне целосна климатска неутралност до 2050 година, односно декарбонизација, а при тоа ЕУ да има модерна, конкурентна и ресурсно-ефикасна економија. Потврдувањето на политичките заложби за климатска неутралност до 2050 година, ЕУ ја позиционира како лидер за декарбонизација на светско ниво. Политичката заложба на ЕУ станува правна обврска. Односно, од исклучително значење е неодамнешниот постигнат политички договор на ниво на ЕУ со кој ќе се овозможи воспоставување на обврзувачки цели за намалување на стакленичките гасови. ЕУ е на чекор до конечно донесување на легислатива со која ќе се утврди целта за нето намалување на стакленичките гасови за 55% до 2030 година споредено со 1990 година. Овој процес е тековен и очекуваме дека Европската комисија ќе усвои пакет легислатива за климатска акција „fit-for-55“ во јуни 2021 година.
Политиките на ЕУ за климатска акција несомнено се пресликуваат во креирањето на националните политики за климатска акција но и останатите политики како енергетика, транспорт, земјоделство на Северна Македонија, како земја-кандидат за рамноправно членство во ЕУ. Креирањето на националните политики за климатски промени е во корелација и со обврските кои земјата ги преземала како рамноправна страна на меѓународните договори за климатските промени.
Нашата земја е во фаза на подготовка на стратегиска рамка и законодавство за климатска акција. Од аспект на ЕУ интегративниот процес, усогласувањето на националната стратегиска и законодавна рамка со политиките и законодавството на ЕУ за климатски промени е тековно и секако, помогнато од ЕУ преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА). Европската комисија во својот последен Извештај за напредокот за 2020 година, ја потврдува констатацијата дека земјата е во рана фаза на подготвеност. Во моментот, во рамки на ИПА проект, во тек е подготовка на национална стратегија и закон за климатска акција. Како основа при подготовките на наведените национални документи земени се предвид обврските кои земјава ги има согласно меѓународните договори за климатски промени, законодавството на ЕУ (Acquis) кое е дел од Листата од објаснувачките (Screening) состаноци за Поглавјето 3.27 Животна средина и климатски промени и Договорот за Енергетска заедница. Објаснувачките состаноци се одржуваат помеѓу земјата и Европската комисија за детално запознавање со моменталното законодавство на ЕУ за поглавје 3.27 Животна средина и климатски промени.
Со помош на меѓународните организации, како долгогодишни партнери на земјата, подготвени се низа документи, како Тригодишниот извештај за климатските промени и Ревидираниот национален извештај за климатски промени кои се истовремено и обврски од Рамковната конвенцијата на Обединетите нации за климатски промени и Договорот од Париз. Исто така, предвидена е подготовка на Стратегија за адаптација кон климатските промени и се очекува истата да биде изработена во рамки на Зелениот климатски фонд. Сите наведени документи, кои ја дефинираат мултидисциплинарната димензија на политиката за климатска акција, се од големо значење за процесот на воспоставување на националните политики за климатска акција, но и на политиките за развој на другите сектори како енергетиката, транспортот, земјоделството, шумарството, индустрија и отпадот. Истовремено, споменатите документи се користеа во подготовката на стратегијата и законот за климатска акција.
Политиките за климатска акција се во нераскинлива спрега со политиките за развој на енергетиката и другите наведени секторски политики. Во овој контекст, земјата е во понапредна фаза, земајќи го предвид фактот дека Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година ги содржи основните принципи-столбови на ЕУ политиката за енергетика, меѓу кои е и процесот на декарбонизација. Оттука, стратегијата за енергетика разработува зелено сценарио.
Зеленото сценарио (декарбонизацијата), согласно Стратегијата за енергетика, предвидува намалување на стакленичките гасови (GHG) за најмногу 61,5 % до 2040 година во однос на 2005 година, интензивно воведување на обновливи извори на енергија од 45 % од бруто потрошувачка на финална енергија и поголемо воведување на енергетската ефикасност.
Очекувам наскоро дека Северна Македонија ќе ја потврди „паметната“ зелена одлука од Националниот придонес за климатски промени и ќе го фаворизира зеленото сценарио од Стратегијата за развој на енергетиката, по што ќе следува и негова имплементација. Во таа насока се и подготовките на Предлог-програма за имплементација на Стратегијата за енергетика за период од пет години, од која очекувам конкретни зелени мерки.

Во подготовка е Закон за климатска акција и стратегија, но што ќе биде дополнително потребно да направи С Македонија за да го усогласи законодавството со она на ЕУ и колку е тоа важно во однос на приближувањето на земјава кон ЕУ?
Во однос на подготовка на стратегијата и законот за климатска акција, кои се усогласуваат со политиките и законодавството на ЕУ за клима, земјата е во почетна фаза. Предлог-законот за климатска акција се усогласува со ЕУ Регулативата 525/2013 за механизам за мониторинг и известување која е дел од Листата на објаснувачкиот состанок. Негова главна цел е да се придонесе кон ублажувањето на климатски промени и кон адаптацијата на нивните несакани ефекти. Исто така, предлог законот ќе воспостави систем за поставување на национален инвентар на стакленички гасови и систем за известување, кој ќе се користи во насока на исполнување на обврските од ЕУ регулативата и Рамковната конвенцијата за климатски промени на ОН. Одредбите од законот воспоставуваат систем за издавање на дозволи за емитување на стакленички гасови од стационарни извори и мониторинг на воздухопловните емисии на стакленички гасови преку подготовка на соодветни планови. Со инвентарот на стакленички гасови ќе управува Министерството за животна средина, додека надзорот ќе го врши Државниот инспекторат за животна средина. Согласно предлог-Законот за климатска акција, локалната самоуправа ќе има своја улога и обврски. Исто така, предлог законот за климатска акција воспоставува корелација со Национален план за клима и енергија кој е обврска од Регулативата на ЕУ за 2018/1999 за управување со Енергетска унија и климатски акција, која во суштина е една од главните правни механизми на ЕУ за постигнување на целите на Парискиот договор за климатски промени.
Донесувањето на Законот и стратегијата за климатска акција е исклучително важен чекор за ЕУ интегративниот процес. Согласно планираната динамика на Поглавјето 3.27 Животна средина и климатски промени од предлог-националната програма за усогласување со законодавството на ЕУ 2021 – 2025 година, се очекува истите да бидат усвоени од Владата при крајот на 2021 година, по што би се усвоиле од страна на Собранието во текот на првиот квартал на 2022 година. Процесот на консултација и финализирање на законот и стратегијата ќе се спроведе во текот на 2021 година. Тоа би значело консултација и со останатите засегнати ресори и страни, но и со Европската комисија и Енергетската заедница, за добивање на сеопфатна и сакана рамка на документите. Би кажала дека оваа фаза на финализирање на предлог законско решение ќе потрае и ќе биде потребно да се анализира од повеќе аспекти и повеќе ресори, а за тоа е потребно време. Да потсетам дека борбата со климатските промени е мултисекторски димензионирана и ги засега креаторите на политиките во сектори како транспорт, енергетика, земјоделство, отпад, индустрија, како и реалниот бизнис-сектор и невладиниот сектор.
Очекувам дека донесувањето на Стратегијата и Законот за климатска акција ќе биде чекор понатаму кон еден долг пат за климатска акција, и ќе иницира низа измени и дополнувања на повеќе секторски закони и стратегии се со цел тие да предвидат мерки за климатска акција за секторите кои ги уредуваат. Секако, нацрт Стратегијата за климатска акција ќе ги определи целите за намалување на стакленичките гасови кои треба да бидат и во согласност со целите поставени во преферираното зелено сценарио од Стратегијата за енергетика – намалување на стакленичките гасови (GHG) од енергетскиот сектор за најмногу 61,5 % до 2040 година во однос на 2005 година, како и ќе ја зголеми отпорноста на општеството, економијата и екосистемите од влијанието на климатските промени. Можноста за дополнување на предвидениот процент за севкупното намалување GHG останува, со потенцијалите за намалување на емисиите на стакленички гасови од други сектори.
Како понатамошен чекор во приближувањето на националното законодавство со законодавството на ЕУ за климатска акција, потребно ќе биде да се усогласи со Регулативата 2003/87 која воспоставува механизам за трговија со емисии, односно пазар, во услови кои одговараат на земјата. Од листата на ЕУ-законодавството со кое ќе треба да се усогласиме е и Регулативата 2018/841 за вклучување на емисиите на стакленички гасови и нивно отстранување од употреба на земјиште, промена на употреба на земјиште и шумарство (LULUCUF)и Одлуката 529/2013 за пресметување на емисиите на стакленички гасови и нивно отстранување од употреба на земјиште, промена на употреба на земјиште и шумарство. Додека законодавството за квалитет на течни горива и флуорирани гасови, се обработени со друга законска легислатива.

Кон крајот на минатата година С Македонија ја потпиша Декларацијата за зелената агенда за Западен Балкан. Со тоа се обврза дека ги прифаќа европските политики за намалување на аерозагадувањето, запирање на губењето на биодиверзитетот, заштита и обновување на еко-системите, но и преземање реформи во енергетскиот и транспортниот сектор. Со ова практично С Македонија и земјите од Западен Балкан имаат слични обврски како и земјите членкина ЕУ со цел исполнување на климатската неутралност до 2050 година. Со која диманика треба да одговори земјава на овие обврски, со цел приближување до ЕУ?
Да, Република Северна Македонија ја потпиша Декларацијата за Зелена агенда за Западен Балкан.
Но, тука постојат и други охрабрувачки сигнали постигнати на ниво на ЕУ. Односно, постигнатиот политички договор ќе биде главен обврзувачки елемент на Зелениот Договор, кој ги обединува енергетските, климатските и дигиталните политики и акции на ЕУ. За Зелениот договор обезбеден е и финансиски инструмент за земјите-членки Праведна транзиција – кој има за цел да ги намали социјалните и економските ефекти од транзицијата.
Зелениот договор за Западен Балкан ги опфаќа и земјите од Западен Балкан и Република Северна Македонија. Потпишувањето на декларацијата за Зелениот Договор за Западен Балкан во ноември 2020 година, претставува политичка волја, но и обврска на земјата да преземе и спроведе реформи во неколку главни области како: 1. Декарбонизација: енергија, клима и мобилност, 2. Циркуларна економија, 3. Борба против загадување на вода, воздух и почва, 4. Одржливо земјоделство и храна 5. Заштита на биодиверзитетот и екосистемите. Со зелениот договор се очекува премин од една традиционална економија кон модерна, зелена и одржлива економија. Реформите од Зелениот договор ќе бидат вградени и поддржани од Економски и инвестицискиот план за Западен Балкан (ЕИП). Преку ЕИП, Европската Унија предвидува силна поддршка за закрепнување на земјите од овој регион преку јавно и приватно инвестирање, на национално, регионално и на меѓународно ниво. Во рамки на овој план предвидени се 9 милијарди евра наменети за проекти на земјите од ЗБ кои ќе се насочени и кон зелена транзиција, односно климатска акција и други сектори. Овој план ќе биде поврзан со новиот ИПА III пакет за програмски период 2021 – 2027 година, односно и новиот начин на распределба на средствата – со регионална димензија, која ќе обезбеди фер натпревар помеѓу земјите од Западен Балкан и Турција. Дополнителна новина е тоа што распределба на средствата ќе се заснова врз зрелоста на проектите.
Земајќи предвид дека балканските земји, меѓу нив и С Македонија имаат долгогодишни проблеми со заштитата на животната средина, од каква важност е овие реформи да бидат сериозно сфатени како и останатите кои се услов за ЕУ?
Заштитата на животната средина, ублажувањето на ефектите на климатските промени и адаптацијата кон истите се глобален, регионален и локален предизвик, кој потребно е да го преточиме во можност за одржлив зелен развој и креирање на зелени работни места.

Што ја очекува Република Северна Македонија на патот за ЕУ?
Точно е дека земјата ја очекува долготрајна борба за зачувување на секој медиум (вода, воздух, земја) од природата и секој екосистем, односно одржувањето на разновидноста на биодиверзитетот како еден од постулатите на одрживиот развој. Исто така, во економска смисла се очекуваат реформи на енергетскиот, транспортниот, индустрискиот и отпадниот сектор во земјата, кои ќе имаат и своевиден социјален аспект.
Но, би сакала да потенцирам дека борбата со климатските промени, заштитата на животната средина и креирање на одржлива економија, започнува пред се од свесноста, одговорноста и посветеноста на секој поединец.
Реформите и нивната динамика бараат највисока политичката волја и посветеност, како и обезбедување на достапни финансии. Согласно анализите за вулнерабилност на подрачја, територијата на Република Северна Македонија подлежи на прилично силни ефекти на климатските промени, со конкретните примери на ненадејни поројни појави и суши, проследени со големи материјали штети и загуба на човечки животи. Исто така, климатските промени силно влијаат и на разновидност на биодиверзитетот, достапноста до храна, вода за човекот и животните, како и здравјето на човекот. Овие факти, на кои бевме и неми сведоци, јасно сигнализираат на итноста на конкретни чекори за намалување на ефектите од климатските промени, но и мерки за адаптација кон истите.
Секако, потребни се и реформи во образовниот систем – кој треба да даде добра подлога на идните генерации, разбирање за заштитата на животната средина, климатската акција, адаптацијата и нејзината директна спрега со опстанокот на сите живи видови, па и човекот.
Би додала дека потребни се коренити промени кај секој еден од нас, промена на начин на живот, потрошувачки навики, примена на нови технологии, едукација, но двигател во тие промени треба да биде иновативниот пристап на централната и локалната власт во креирањето на конкретни мерки за климатски промени – достапни и за поединецот и за бизнис секторот. Секој има свое значење во низата за климатска акција.
Моите очекувања се дека со добивањето на конкретен датум за отпочнување на преговорите со ЕУ, процесот на заштита на животната средина и борбата со климатските промени во Република Северна Македонија, како дел од Поглавјето 3.27 Животна средина и климатски промени, ќе добие конкретна временска рамка. Рамка во која земјата ќе мора одговорно, посветено да работи, да се приспособи и да се усогласи со барањата на ЕУ.
Додадена вредност на отпочнувањето на преговорите со ЕУ, ќе бидат клучот кон еден неповратен процес на заштита на животна средина и климатските промени. Од друга стана пак, потребно е сите да бидеме свесни дека тоа ќе наметне големи финансиски инвестиции, нови даноци, примена на нови технологии, приспособувања, знаења, едукација, и почетно и крајно голема политичка волја и одговорност – која е клуч за остварување на стратегиската определба на Република Северна Македонија – рамноправна членка во ЕУ.
Искрено се надевам дека 2021 година ќе ја одбележиме со почеток на преговорите со ЕУ.