Косовските медиуми известуваат дека тамошната полиција била принудена да интервенира за да ги спречи хаосот и метежот пред влезот на пунктот за вакцинација во салата „1 Октомври“ во Приштина.
Од косовското Министерство за здравство велат дека причина за метежот е фактот дека на овој пункт доаѓале жители од други општини, и покрај најавите дека тие ќе можат да се вакцинираат во своите општини.
„Граѓаните од другите општини на Косово се молат да се упатат до центрите за вакцинација во своите општини, со цел да ги добијат потребните информации и да бидат вакцинирани. Бидејќи вакцинацијата против ковид-19 е динамичен процес што ќе продолжи до вакцинирањето на сите категории предвидени со планот за вакцинација, од граѓаните се бара да ги следат известувањата на Министерството и да избегнуваат собирање пред центрите за вакцинација“,
се вели во реакцијата од Министерството за здравство на Косово
Поради притисокот и огромната толпа што беше создадена денеска, полициските службеници и вработените во салата морале да постават железни огради и да воспостават ред за граѓаните што чекаат да бидат вакцинирани.

Последниве недели бројот на случаи на лица заболени од ковид-19 во Косово е во постојан пад, а во моментот има 5 749 активни случаи.
Битката со вирусот до денеска ја изгубиле 2 218 државјани на Косово.