Погрешни се тезите дека сѐ и сешто ќе се легализира, е ставот на Владата за Законот за легализација на дивоградбите. Владините портпароли на денешната прес-конференција посочија дека нема да може да се легализираат дивоградби во заштитено подрачје без соодветна дозвола и согласност од надлежните институции.
„Законот е усогласен и со опозицијата, при што неколку амандмани се прифатени и инкорпорирани во него. Со законот, информираа портпаролите, го спречуваме урбаното дивеење со тоа што ја зголемуваме цената за легализација за плус 50 проценти од редовните комуналии, со што се одвраќаат сите оние од намерата да градат нелегално“,
изјави портпаролот на Владата, Муамет Хоџа.
Со речиси идентичен став е и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, според кого граѓаните сега ќе се одвратат од идејата да градат на диво.
„Не случајно е вграден и членот во којшто се вели дека во таков тип подрачја и зони, секако ресорното Министерство, коешто е надлежно или органот на државна управа, треба да даде согласност за можно ставање во правна рамка на објект во таква зона. Така што, доста и внимателно е одреден овој член. Секако, без согласност од Министерството за животна средина, конкретно нема да може да се стави во правна рамка објект во заштитени подрачја, зони во национални паркови итн. И, секако, Охридскиот Регион, регионот под заштита на УНЕСКО, е исто така исклучен согласно студиите коишто се на располагање на државата од УНЕСКО и станбените згради со А2 намена исто така се исклучени, нема да бидат во постапки за ставање во правна рамка на такви големи градежни објекти и комплекси“,
изјави Бочварски.
Дел од пратениците, пак, кои вчера не го поддржаа носењето на законот, денеска испратија барање до претседателот на државата да не го потпише указот, затоа што препознаваат амнестија и непочитување на принципите на владеење на правото, со можноста да се легализира и да не се одговара кривично за постапки што се во тек.
Претставка до Уставниот суд најави и претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.