Обидот на радикалната десница да предизвика владина криза во Италија не успеа. Владејачката Демократска партија победи на регионалните избори во Емилија Ромања, оневозможувајќи му на лидерот на десничарската Лига, Матео Салвини, да ја реализира својата замисла – со преземање на контролата врз овој регион, да отвори пат за пад на кабинетот на премиерот Џузепе Конте.

Салвини својот оптимизам го темелеше на резултатите од предизборните анкети кои предвидуваа тесна разлика, па тој вложи голема енергија и средства во кампањата со укажување дека регионалните избори се национален референдум преку кој граѓаните ќе предизвикаат предвремени парламентарни избори.
Кандидатот на демократите и досегашен гувернер на регионот, Стефано Боначини, освои 51,4 отсто од гласовите на избирачите, додека за противкандидатот од партијата на Салвини се определија 43,7 отсто од гласачите.

фото:ANSA/ GIORGIO BENVENUTI
Интересен е податокот дека одѕивот е во пораст. За разлика од 2014 година, кога гласале само 34% од избирачите, на овие избори излегле речиси 70 отсто од лицата со право на глас.
Најголема причина за тоа се активностите на движењето „Сардини“ кое е составено претежно од млади лица кои жестоко се спротивставуваат и протестираат против идеолошката матрица на Салвини.

Резултатот, според аналитичарите, ќе придонесе владината коалиција поспокојно да работи во наредниот период и покрај фактот што Салвини и натаму е најпопуларниот политичар во Италија.
Лидерот на демократите порача дека е задоволен од личниот пораз на Салвини, укажувајќи дека резултатот е уште еден показател дека треба да се продолжи со планот за развој на Италија во сосема спротивна насока од онаа што ја нуди Салвини.