Загадувањето на воздухот во Македонија има надолен тренд во последните години, но намалените вредности сè уште се високо над границите на европскиот стандард.

„Освен транспонирањето на легислативата, многу малку е направено во реалните промени на терен“,
вели Ана Чоловиќ-Лешоска од невладината организација „Екосвест“.
„Иако не сме земја членка на Европската Унија, иако сè уште не се започнати преговорите, ние дефакто имаме контрола од Брисел“,
вели Каја Шукова од Министерстворо за животна средина (МЖСПП).
Може ли со ваков квалитет на воздухот земјава да стане членка на Европската Унија? Или, ако беше членка, ќе трпеше ли последици?
Европски искуства: Полска осудена поради загаден воздух
Европскиот суд на правдата пред две години донесе пресуда против Полска поради повеќегодишно надминување на дозволените нивоа на ПМ 10 честички во воздухот. Како членка на Европската Унија, земјата е обврзана да ги следи стандардите од европската Директива за квалитет на воздухот, според која:

Според пресудата, Полска меѓу 2007 и 2015 година во континуитет го надминувала дозволениот број денови со загаден воздух во 35 зони во државата, како и дневниот просек на годишно ниво во 9 зони. Главната причина е масовната употреба на јаглен како енергенс – и во индустријата и во домаќинствата.

Полската екоактивистка Магдалена Козловска вели дека по пресудата властите донеле стратегии, планови и мерки со кои се обидуваат да ја убедат Европската Унија дека ќе го подобрат квалитетот на воздухот.

„Казната е финансиска, но е одложена. Значи, Полска сѐ уште не платила ништо. Полска мора да докаже дека презема нешто. Властите веруваат дека нешто се случува и дека ситуацијата се менува. Ако има докази дека нештата се менуваат, тогаш Полска нема да ја плати казната“,
објаснува Козловска.
Ако Полска не испорача резултат, казната би можела да достигне до 50 милиони евра. Неслучајно, затоа што проценките на Европската агенција за животна средина велат дека во Полска 44 илјади луѓе годишно умираат предвреме поради загадениот воздух, а едногодишен престој и дишење на воздухот во главниот град Варшава е исто како да се испушат илјада цигари.
Поглавјето 27 – најскапо и најтешко за преговарање со ЕУ
Македонија, ако беше членка на Европската Унија, најверојатно, како и Полска, ќе беше осудена од Европскиот суд на правдата поради постојаното пречекорување на дозволените нивоа на ПМ 10 честичките.

Ана Чоловиќ-Лешоска од невладината организација „Екосвест“ смета дека во пристапните преговори со ЕУ најтешко за земјава ќе биде токму поглавјето 27 кое се однесува на животната средина. Европските стандарди за квалитетот на воздухот ќе мора да ги достигнеме, само прашање е колку време ќе добиеме за тоа, вели таа.

„Не е прашање на компромис дали една индустрија ќе има или ќе нема да има филтер. Едноставно тоа мора да се направи. Мора да се намалат вредностите зададени од ЕУ и за да се намалат вредностите на ПМ-честички итн. мора да ги преземеме оние мерки што сите ги знаеме, не се измислување топла вода, туку се всушност мерки што веќе постојат и се дадени. За да ги направиме мерките, потребно е да инвестираме и тоа е она што го прави целото поглавје многу покомплексно од промена на закон во другите поглавја“,
смета Чоловиќ-Лешоска.

Со програмата за намалување на аерозагадувањето за годинава државата издвоила еден милион и 600 илјади евра. Со овие средства ќе се зголемуваат зелените површини во големите градови, ќе се подобрува следењето на квалитетот на воздухот, ќе се модернизираат системите за греење во јавните објекти и ќе се подобрува нивната енергетска ефикасност.
„За жал, приоритетите ги гледаме во финансиите. Па така, кога ќе погледнеме колку реално се одвојуваат пари, не само на национално туку и на локални ниво, сликата станува јасна дека животната средина, а и квалитетот на амбиентниот воздух, а со тоа и јавното здравје не се приоритет на Владата“,
смета Чоловиќ-Лешоска.
Иако Македонија е само земја кандидат, Брисел секоја година ги оценува состојбите во многу области низ призмата на европските стандарди. За квалитетот на воздухот во последниот годишен извештај се констатира дека усогласеноста на македонското со европското законодавство е речиси целосна, но дека примената на законите и натаму е слаба.

„Кадрите кои беа прилично стручни и способни да ја работат работата излегоа од Министерството. Едноставно, отворија консултантски фирми итн. Значи, има одлевање на капацитетите од Министерството. Иако оваа институција брои околу 300 вработени, гледаме дека не секогаш се во состојба да се справат со сите предизвици“,
додава Чоловиќ-Лешоска.
Министерството за животна средина неодамна предложи измени на законот за квалитет на амбиенталниот воздух. Општините, институциите, компаниите и останатите вклучени страни наместо препораки ќе добијат обврзувачки насоки, а соодветно на тоа – и санкции. Од Министерството очекуваат новиот закон пратениците да го изгласаат пред распуштањето на Собранието на 12 февруари.
Со оглед на тоа што доцнењето во достигнувањето на европските стандарди е големо, од „животна средина“ велат дека допрва ќе треба да се „засукаат ракавите“. Повторуваат дека намалувањето на загадувањето на воздухот е долготраен процес.

„Она што го покажуваат искуствата на другите градови, европските, а и светските, како сакате, се дека тоа се процеси од по најмалку 15-20 години. Преку нивните извештаи што ги имаме како примери и со преземање сет мерки во сите сегменти, започнувајќи од административни мерки, мерки во индустријата, во градежништвото, во сообраќајот, концентрациите на ПМ 2,5 или 10 и на сите останати материи кои го загадуваат воздухот се намалуваат постепено. Не можеме да очекуваме дека тоа ќе биде во многу краток период, меѓутоа тоа не значи дека не треба постојано да применуваме мерки“,
вели Каја Шукова од Секторот за одржлив развој и инвестиции на МЖСПП.
Чешка е позитивен пример, но има уште работа
Чешка, со комбинација на домашни зафати и европска поддршка, успева значително да го подобри квалитетот на воздухот уште во текот на преговорите за членство во ЕУ, а и откако во 2004 година стана дел од Европската Унија.
Според чешкиот експерт за екологија Бедрих Молдан, клучно било што земјата започнала со мерки против загадувањето уште за време на пристапниот процес.

„За време на тие осум години успеавме да се ослободиме од главниот загадувач, сулфурдиоксидот, кој претходно го испуштаа големите електрани кои беа десулфуризирани. Со почетокот на преговорите, ние веќе имавме прилично чист воздух во споредба со претходно“,
вели Молдан.

Но, земјата и натаму има проблем со високи концентрации прашина во воздухот, што е најизразено во североисточниот регион каде што се наоѓа индустрискиот град Острава.
„Се надевам дека на крајот нема да одиме на суд затоа што имаме многу што да покажеме за тоа што преземаме – вложуваме средства, имаме добар мониторинг, имаме добра соработка со локалните заедници и со локалните самоуправи. Навистина даваме сè од себе“,
додава Молдан.
Европски закони со македонско спроведување на терен
Споредено со чешкото искуство, може да се заклучи дека годините поминати во европската чекалница се изгубени за Македонија од аспект на подобрување на квалитетот на воздухот.
„Иако од 2005 имаме кандидатски статус, генерално можам да кажам дека целото поглавје 27, не само аспектите на квалитет на амбиентен воздух се ставени, некако паркирани на страна“,
смета Чоловиќ-Лешоска од НВО „Екосвест“.

„Едноставно, освен транспонирањето на легислативата, многу малку е направено во реалните промени на терен, односно вистинското постигнување на стандардите што треба да важат не само во ЕУ туку и кај нас“,
додава Чоловиќ-Лешоска.
„Ќе мора да се потрудиме многу. Има земји членки што влегоа во Европската Унија со делумно неисполнети стандарди во животната средина. Ги исполнуваат во текот на годините. Ќе се потрудиме, нели, ќе имаме обврски и ќе мораме да ги исполнуваме“,
вели Шукова од МЖСПП.