До 4 јули, Денот на независноста на САД, барем со 1 доза од вакцината против ковид-19 да бидат вакцинирани 70 проценти од возрасната популација, е новата цел што ја постави американскиот претседател Џо Бајден откако во првите 100 дена од неговиот мандат се имунизираа околу 200 милиони Американци.
Паралелно, тој ги повика и младите на возраст од 20 до 30 години да се вакцинираат.
„Ќе гарантираме дека вакцинацијата е подостапна од кога и да е. За два месеца од денеска, семејствата низ целата земја ќе го прослават 4 Јули. Нашата цел е на тој датум 70 проценти од возрасните Американци да примат барем една доза вакцина и најмалку 160 милиони да бидат ревакцинирани“,
нагласи Бајден во неговото обраќање од Белата куќа.
За да се исполни таа цел, американскиот претседател нареди да се обезбеди вакцинација без закажување, додека ресурсите од Федералната агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА) ќе бидат пренасочени за поддршка на привремени и мобилни клиники и помали општински локации за вакцинација.
Тој и во неговото прво обраќање по преземањето на функцијата рече дека сака овој 4 Јули Американците да го прослават како ден на ослободување од вирусот.