Бројот на загинати во вчерашниот земјотрес во источна Турција достигна 29 лица, додека на повредените на 1.466 лица, јави турскиот телевизиски канал ТРТ.
Службата за вонредни состојби и природни непогоди соопшти дека од под урнатините, спасувачките екипи досега успеале да извлечат живи најмалку 43 лица.
Во најпогодената област Елазиг, вечерва околу 19.30 часот по локално време повторно е регистриран земјотрес овој пат со јачина од 5,1 степен по Рихтеровата скала и на длабочина од 10 километри, јави американскиот Геолошки институт. Засега нема информации за повредени во денешниот земјотрес.
За жителите на провинцијата Елазиг, ова е втор посилен земјотрес што го погоди регионот за помалку од два дена. Вчерашниот земјотрес, со јачина од 6,8 степени покрај човечките жртви, уништи и неколку згради.

Градот Сивричи каде што беше епицентарот на катастрофалниот земјотрес има 4.000 жители и е популарно туристичко место на брегот наезерото Хазар, од каде што извира реката Тигар.