Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска потврди дека остануваат во преговорите за законот за ЈО, но доколку Владата односно предлагачот има сериозна намера да ги прифати забелешките на опозицијата.
„Во новиот предлог бараат од нас во процесите во кои што се во тек да донесеме член со кој што практично ќе се легализира она кое што беше направено на незаконит начин и неуставен начин, а тоа беше преносот на случаите од СЈО во редовното обвинителство “,
изјави денеска Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во врска со законот за ЈО.
За тоа зошто токму најмногу забелешки имаат на овој дел од законот, Мицкоски објасни дека тоа е поврзано со позицијата во која се наоѓа неговата партија, односно како што рече, „како резултат на тоа дивеење со законите и злоупотреба“ неговата партија е единствена во Европа со замрзнат имот и не може да функционира соодветно, алудирајќи на предметот „Талир“ каде високи партиски функционери се обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“.
За барањето на средбите да присуствува и државниот обвинител Јовески, Мицкоски вели дека не се работи за нов услов.
„Претпоставувам има некое недоразбирање, апсолутно беше повикан да присуствува затоа што видовме дека се повикани луѓе кои што намерно беа повикани од страна на Рената Дескоска и останатите да направат циркуз таму. Тоа беше целата ситуација, а тој кој што е најповикан за оваа работа, тоа е јавниот обвинител, не беше повикан. Ние принципиелно рековме да го повикаме јавниот обвинител. Ниту јас, ниту Милошоски, ниту било кој од нас има против. Напротив рече и тој дека продолжуваме, има добра основа овој закон за преговори, да преговараме па да видиме дали ќе можеме да се договориме. Доколку постои од другата страна желба и вистинска намера за да се постигне решение, ние сме тука подготвени сме да преговараме и разговараме. Но априори ниту отфрламе, ниту прифаќаме“,
изјави денеска Мицкоски.