Една од главните работи кои се најавуваат е платформата за интероперабилноста со која се овозможува поврзување на сите институции, побрза размена на податоци, сигурност при размената на информациите и нивна достапноста
Според изјавите, дигитализацијата ќе овозможи и креирање електронски досиеја со факти за предметите, а странката ќе има пристап до одредено ниво. На тој начин преку мобилна апликација на телефон ќе може да влезат во самиот систем, односно во делот што се однесува на факти за предметот и да ги добијат сите потребни информации
Дигитализацијата на судството ќе ги заврза судењата, ќе ја подобри ефикасноста, ќе го намали влијанието на човечкиот фактор и ќе го подобри интегритетот на судството.
Вакви пораки на денешната прес-конференција испратија премиерот Зоран Заев, министерот за правда, Бојан Маричиќ и претседателот на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев кој е претседател на работата група за дигитализација на судството.

Заев рече дека суштинските реформи и ефикасно прочистување на правосудството се прва заложба на агендата „Акција 21 – Европски стандарди дома“, а целиот овој реформски процес, според него, дополнително ќе се забрза и со дигитализацијата.
„Ги поставивме сите елементи за дигитализација во јавниот сектор, а сега следува спроведување на дигитализацијата во правосудството. Дигитализацијата на правосудството само дополнително ќе помогне да се забрза тој процес и да се сведе на минимум човечкото администрирање во судските процеси, а доминантни да бидат владеењето на правото и раздавањето на правдата. Тоа што го ветуваме го исполнуваме. Ветивме реформирано судство, зацврстување на правната држава и правда. Резултатите ги гледаме секојдневно“,
изјави Заев.
„Ако скопјанец направи сообраќаен прекршок во Охрид, нема да мора да патува до таму“
Процесот на дигитализација ќе значи опремување на 24 судови и 187 судници, вклучително и судниците во Академијата за судии и јавни обвинители и во затворот „Идризово“. Обврската да се обезбедат средства за опремата ја презема Владата, а овој процес ќе значи и воведување на онлајн-судења.
„Дигитализацијата меѓу другото ќе значи и воведување на онлајн судења, а тоа навистина многу ќе ги забрза постапките, кои ќе бидат и поевтини, а можностите за одложување ќе бидат значително намалени. Пример, со дигитализацијата и промените на одредбите на Законот за прекршоци, ако еден жител на Скопје направи сообраќаен прекршок во Охрид и поради тоа ќе треба да оди на суд за прекршоци, нема потреба веќе да патува до Охрид. Се ќе биде завршено брзо и едноставно со помош на информатичките средства“,
рече Маричиќ.
Според него, контурите на дигитализацијата кај нас веќе ги имаме, сепак модернизацијата е неопходна од причина што хардверската опрема е застарена и неисправна, има недостаток на работни станици и истите не поддржуваат софтверските решенија што се користат во судовите.
„Состојбата на серверите во судовите е со слаб капацитет, односно нема сервери за складирање на податоци, ниту за базата на податоци, а дополнително имаме и ново законодавство кое поставува нови очекувања од постоечкиот електронски систем“,
рече Маричиќ.
Една од главните работи коишто треба да ги вклучи новата архитектура, нагласи тој, е платформата за интероперабилноста со која се овозможува поврзување на сите институции, побрза размена на податоци, сигурност при размената на податоците, достапност на податоците, поефикасна работа на самите институции и поефикасно и побрзо опслужување на крајните корисници.
Акцент на интероперабилноста стави и судијата Нанев.
„Дополнително, на овој начин се намалуваат трошоците. Само со 15 институции приклучени на системот за интероперабилност ќе се заштедат 15 милиони евра на годишно ниво, или 2,5 тона хартија, односно 3.000 дрва“,
објаснуваше судијата Нанев.
Можноста за онлајн-судења, пак, нагласи тој ќе ја зголеми ефикасноста бидејќи анализите покажуваат дека судењата на далечина за 60 отсто ја зголемуваат ефикасноста и транспарентноста.
Исто така, според судијата, ќе се подобри судскиот интегритет и ќе се зајакне довербата на јавноста преку јакнење на транспарентноста и отчетноста.
Електронски досиеја за предмети
Нанев посочи дека дигитализацијата ќе овозможи и креирање електронски досиеја со факти за предметите, а странката ќе има пристап до одредено ниво. На тој начин преку мобилна апликација на телефон ќе може да влезат во самиот систем, односно во делот што се однесува на факти за предметот и да ги добијат сите потребни информации.
„Целта е за сите предмети да се креираат електронски досиеја со факти за предметот. Едно од клучните прашања се екстерните документи. Да, ќе се креираат електронски досиеја со тоа што во зависност од статусот на учеството на странката, таа ќе има пристап до електронското досие до одредено ниво“,
рече Нанев.
На прашањето дали електронска достава ќе се смета за законски доказ, судијата Нанев рече дека тоа ќе се надмине со измени на регулатива во однос на процесните закони, како Закон за парнична постапка, Закон за кривична постапка, Закон за прекршоци.
