Во здружението „Избор“ од Струмица функционира Центар за професионална рехабилитација на лица со попреченост. Овие луѓе, секој според своите можности, добиваат обука за професија за која имаат да си најдат работа
„Покров“, пак, е тераписка заедница за луѓе што се борат со различни зависности, најчесто од употреба на дрога. Како дел од работно-окупационата терапија одгледуваат органски зеленчук и овошје. Тоа е место на кое многумина го направиле најтешкиот чекор кон важна животна промена
Чипс од органски јаболка. Без каков било додаток, само јаболка. Веројатно малкумина знаат дека тоа е македонски производ, направен во Струмица, зад кој се крие несекојдневна приказна.

Идејата е на здружението „Избор“, а се произведува во нивниот Центар за професионална рехабилитација. Во него се одвива целиот производствен процес во кој се вклучени луѓе со попреченост. Дел од тимот речиси една година е и Ристо Филев.

„Најпрво јаболката се мијат. Потоа на машина се вади срцевината. Потоа се сечка на друга машина, се реди во лица и во печка се печат 12 часа. Потоа ја чистиме јаболката и ја пакуваме во ќесиња“,
вели Филев.
Покрај чипсот од јаболка, во зависност од сезоната, произведуваат и други сушени овошја. Филев и неговите колеги велат дека имаат пријатна работна атмосфера, а обврските одговараат на нивните можности.

„Па јас, да ви кажам, со години барав работа само не можев да најдам. Таква работа барав што ќе можам да ја работам, да не сум зависен од друг, од колеги или сл. Сега за сега, откако се отвори овој проект, јас чинам, луѓето како мене – ако сака да работи, да биде вработен и сѐ да си оди по ред, јас чинам, ќе си најде работа“,
додава тој.
Една од целите на оваа програма на здружението „Избор“ е остварувајќи приходи да станат самоодржливи.

„Овие економски активности ни помагаат со остварените приходи да можеме да креираме работни места за лицата што ги поминуваат тренинг-обуките кај нас, и второ, тоа е патот до самоодржливост, да станеме час поскоро самоодржливи, да можеме менаџирајќи ги програмите и остварувајќи приходи да опстојуваме и понатаму на пазарот и како програма и како економска единица“,
вели Сократ Манчев, претседател на здружението „Избор“.
Имаат специјален едукатор и рехабилитатор кој прави проценка на способностите на лицата во Центарот. Според проценката, им овозможуваат соодветна обука за стекнување вештини и наоѓање работа.

„Целта е да утврдиме што можат, што знаат и умеат и сето тоа да го насочиме, пред сѐ, правејќи една добра анализа на пазарот на трудот, каква потреба за вработување имаат фирмите. Изготвуваме индивидуален план и ги насочуваме, односно им бараме соодветни вработувања“,
вели Наташа Ѓоргиева, специјален едукатор и рехабилитатор.
Имаат многу примери на луѓе што успешно го поминале овој процес. Иле Гичев е еден од нив. Тој работи во оваа фабрика за мебел.

„Работата е многу добра. Соработувам со колегите. Јас сум помошник на двете машини. Поточно на оваа машина, заедно со колегата, а кога е потребно на оваа помагам. Денот ми поминува многу фино. Смеење, шеги и така. Супер. Само чекам да дојде следниот ден за повторно да бидеме заедно, нели“,
вели Гичев.

21-годишниот Костадин Николов работи во истата фабрика. До работната позиција стигнал благодарение на стекнатите вештини за работа со компјутерски програми.
„Мојата позиција тука е да правам налози за машината како да ги крои парчињата. После тој процес се создаваат тие елементи за склопување на некој вид елемент, мебел. Колегите се супер, ме прифатија. Некогаш има тешки денови, некогаш има опуштени денови, како овој. Мислам дека супер се сложувам и со газдите и со шефот и со другите соработници“,
вели Николов.
Еден од сопствениците на компанијата објаснува како се регрутираат соодветни кадри.

„Прво, разговараме за потребата од работник и за која фаза, за која дејност ни треба. Ако се најдеме за тие сегменти, дали ни треба и што ни треба, ги кажуваме нашите потреби, ни наоѓаат луѓе кои се компетентни и кои ќе можеме да ги научиме да ја работат таа функција што ни е потребна“,
вели Александар Крстевски, бизнисмен.
„Избор“ произведува и здрави органски салати, кои според составот, всушност се комплетен оброк и веќе ги има во маркетите. Дел од суровините, органски зеленчук и овошје, што „Избор“ ги користи за своите производи, се одгледуваат во „Покров“ – тоа е тераписка заедница за луѓе со различни зависности. Зад овие ѕидови многумина го направиле првиот чекор кон почетокот на важна животна промена.

„Покров“ работи во поранешен воен комплекс. Во него сега има 25-мина што се обидуваат да ја прекинат зависноста, најчесто од користење дрога. На 34-годишниот Дарко од Прилеп ова му е втор обид.

„За оваа заедница слушнав на мојата 31 година. Имав еден обид, но безуспешен. Сега ми е вторпат. Овој пат сум со надеж и целите ми се поразлични од првиот пат. Затоа што овој пат имав можност надвор и да се дрогирам и да правам се што сакам ама едноставно не сакав да бидам стариот тој. Не сакам да бидам стариот Дарко кој по улица продаваше дрога, знаеше да украде, знаеше да измами, едноставно не сакам да бидам тој. Сакам да бидам тој што сум бил некогаш пред да почнам со зависноста и да продолжам како зависноста да е едно лошо искуство во мојот живот“,
вели тој.
Ѓорѓи Хаџикотаров, кој е претседател на локално здружение на производители на органска храна, го обучува за органско пчеларење.

„Програмата овде е многу добро смислена. Стануваме од сабајле, кафе, доручек, и после има работно-окупациона. Не се бара од нас да работиме којзнае колку. Кој колку може. Нешто да се работи. Комуницираме меѓусебно и на тој начин си помагаме“,
смета Хаџикотаров.
Покрај пчеларството, тој е вклучен и во земјоделските активности со другите „соборци“. Под овие пластеници одгледуваат органски зеленчук. Сега во рана фаза се доматите и краставиците. Секојдневно по неколку часа секој од нив е со својата задача.

„Во тој период од осум до 12 часот ние сме надвор и работиме нешто. Тоа ни помага да се ослободиме од мислите што ги имаме оти ние како зависници имаме секакви мисли во главата. Работно-окупационата терапија ни помага да се ослободиме од тие мисли“,
смета Дарко.
Покрај тој бенефит, заедницата има и економска полза. Со разновидноста и квалитетот во органското производство, „Покров“ е член на здружението на производители на органска храна „Органологистик“ од Струмица.

„Ние даваме советодавни услуги за тие да имаат уште поголем добробит за тоа какво е производството, на кој начин можат да произведуваат. Се разбира и во делот на пласмнот на органските производи“,
вели Хаџикотаров.
На другиот крај од местото е овоштарникот. Црешите веќе расцветале. Дел од луѓето, кои по завршувањето на програмата ќе покажат интерес, се вработуваат во „Покров“. Ѓорѓи од Кратово ја поминал 18-месечната програма и веќе една година е вработен како оператор кој ги координира работните задолженија.

„Јас работата ја прифатив. Ја сакам работата. Ги разбирам клиентите, сум бил во нивна кожа и мислам дека е добро и јас да можам да им помогнам на луѓето“,
вели Ѓорѓи.
Одржуваат и групна психотерапија со психолог и социјален работник. Тоа е можност да се сподели личната приказна и да се слушне друга.

„Многу е силна групната поддршка. Групната психотерапија делува многу позитивно. Тука се сите со речиси исти проблеми. Првично секогаш се малку позатворени луѓето што доаѓаат, но брзо се случува да се отворат во групата, едноставно да кажат што е тоа што им се случува и како и на кој начин се справувале досега. Пробуваме да им понудиме поефикасни решенија на одредени проблеми“,
смета Билјана Мицева, социјален работник.

Целата програма има три дела. Започнува со приспособување и детоксикација на организмот, продолжува со стекнување работни навики и ресоцијализација, а треба да заврши со повторно вклучување во животот надвор од „Покров“.

„Тие луѓе коишто остануваат до крај, голем дел од нив остануваат ‘чисти’ подолго време. Таа е борба која трае цел живот. Ние сме релативно млада терапевтска заедница. Кај тие што ја имаат завршено програмата има многу позитивни приказни. Луѓе кои сѐ уште се чисти“,
вели Ѓорѓи Манчев, управител на „Покров“.
Здружението „Избор“ и тераписката заедница „Покров“ се поддржани од Швајцарската агенција за развој и соработка и УНДП. Соработуваат со Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и локалната самоуправа.
„Ако не се тие странски донации многу тешко ќе функционираме или воопшто нема да функционираме. Ние создадовме еден хибриден модел на финансирање или модел на споделена одговорност во кој учествуваат странски донатори, невладини организации, организации како УНДП и на крајот учествуваат домашни институции – министерства и Агенцијата за вработување. Тоа ни помага да направиме еден спој и од тоа да направиме една одржлива програма која има тенденција да стане самоодржлива бидејќи сериозни средства се инвестирани во овие два тренинг центри и тоа ни гарантира дека ќе остваруваме повеќе приходи, а со тие приходи ќе направиме голем исчекор кон нашата самоодржливост“,
смета Сократ Манчев, претседател на здружението „Избор“.
Во Министерството за труд и социјална политика ги прашавме дали државата може да ја преземе главната поддржувачка улога кога странските донатори би се повлекле. Министерката Јагода Шахпаска најави основање Национален центар за поддршка на социјални претпријатија и донесување соодветен закон.

„Овој центар треба да им ја даде целосната поддршка, како од моментот на создавање на социјалните претпријатија, така и во подготовката на нивните бизнис планови. Многу е значајна поддршката што треба да ја добиваат на локално ниво во соработка со локалната заедница односно со единиците на локалната самоуправа, компаниите коишто постојат на локални ниво и секако граѓанскиот сектор којшто ќе ја дава поддршката за основање на овие претпријатија“,
вели Шахпаска.
Во меѓувреме, државата продолжува да партиципира во комбинираниот модел на финансирање на двата центри во Струмичко во нивната битка да стигнат до самоодржливост.