Причината поради која се налути ВМРО-ДПМНЕ е што Џафери им соопшти дека не ја поднеле навреме листата со говорници, како што се предвидува во членот 49 од собранискиот Деловник, односно 24 часа пред почетокот на седницата. Наместо вчера во 11 часот, рече тој, од ВМРО-ДПМНЕ ја доставиле листата во 14 часот. Во однос на најавената интерпелација, Џафери им рече дека ја очекува со задоволство
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напушти собраниската седница на која се расправа за интерпелација на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и го обвини претседателот на Собранието Талат Џафери дека не им дозволил да дискутираат.
Пред да ја напуштат седницата, координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски, му порача на Џафери дека ќе му поднесат интерпелација.
„Ова е првпат на најголемата опозициска партија и најголемата партија по број на пратеници да не ѝ се дозволи да расправа по работа на еден министер. Ја одземате можноста да дискутираме за важно прашање, не дозволувате опозицијата да продолжи со дискусии. Бегате од тоа опозицијата да дискутира како за денешната така и за интерпелацијата на Маричиќ и Николовски. Ние немаме право да дискутираме. Ова не е демократија, ова се типични потези на тоталитарно однесување. Ние како пратеничка група ќе ја разгледаме можноста за поднесување интерпелација и за вас и ќе ви дозволиме сами да си играте Собрание, нема да бидеме овде параван на вашето авторитарно однесување“,
рече Мицевски.
Причината поради која се налути ВМРО-ДПМНЕ е што Џафери им соопшти дека не ја поднеле навреме листата со говорници, како што се предвидува во членот 49 од собранискиот Деловник, односно 24 часа пред почетокот на седницата. Наместо вчера во 11 часот, рече тој, од ВМРО-ДПМНЕ ја доставиле листата во 14 часот.
Во однос на најавената интерпелација, Џафери им рече дека ја очекува со задоволство.
„Основен виновник сте си самите вие кои не го почитувате Деловникот… Со задоволство ќе ја дочекам вашата интерпелација, јас работам според Деловникот. Дотогаш е ваша волја и одлука што ќе правите за дневни политички артикулации и поени“,
рече Џафери.
Во одбрана на Џафери застана и пратеничката група на СДСМ. Координаторот Јован Митрески ги обвини пратениците од опозицијата за театар и во однос на интерпелациите за Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ и рече дека сами ја повлекле, а од таа за Спасовски бегаат зашто знаат дека немаат доволно гласови.
„Ваков театар, за жал скапо платен, не се случил во Собранието. Никогаш во историјата на Собранието не се случило опозицијата да поднесе интерпелација и сама да бара да се тргне од дневен ред. Денес, кога има интерпелација, пак, не доставиле список навремено и за тоа некој друг им е виновен. Тоа сакаат да го прикажат како некаков наводен обид да се замолчи опозицијата. Ние цел ден ги чекаме да ги соочиме аргументите, а тие избегаа. Ова е со единствена цел – ќе дојде и време за гласање на интерпелацијата, па тие бегаат за да не види јавноста колку малку ги има“,
рече Митрески.
Пред излегувањето од салата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците ја образложи интерпелацијата. Откако тие излегоа, свое излагање имаше и Спасовски.