Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од собраниската говорница ја оцени интерпелацијата поднесена за него како чудна.
Таа беше поднесена од Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива поради бегството на Сашо Мијалков, а министерот возврати дека овој случај не претставува неуспех, туку успех затоа што Мијалков на крајот завршил во притвор.
„Морам да констатирам дека денеска имаме една, благо кажано, чудна интерпелација? Зошто чудна? Затоа што е поднесена заради успех во една акција, а не неуспех! Имено – Сашо Мијалков е во затвор, таму каде што му е местото, и на него и на голем број поранешни функционери – криминалци, кои бескрупулозно крадеа од народот наместо да работат за она за што се избрани. На истиот Мијалков, на кого името се плашевте да му го спомнете, со години наназад, сега гледаме како се зголемува бројот на години што ќе треба да ги одлежи. Каква иронија – идолот и идеологот на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Мијалков е во затвор, а опозицијата поднесува интерпелација за министерот за внатрешни работи?! Оваа интерпелација, во суштина, претставува реален приказ на изместениот систем на вредности на опозицијата, и затоа е, во најмала рака, чудна“,
рече Спасовски.
Министерот возврати и на другите обвинувања што ги упатија од АА што ги наведоа ги како причина зошто треба да понесе одговорност.
Тој ѝ порача на опозицијата да гледа релевантни анкети за довербата во полицијата и наведе дека кога го презел МВР таа била 23 отсто, а оваа година е 65 проценти.
„Дали денеска е проблем што полицијата апси наркодилери, разбојници, секаков вид на криминалци, па и оние кои вие ги нарекувате високи криминалци? Нема високи или ситни криминалци, има криминалци и чесни луѓе. Апсиме секој еден кој не го почитува начинот на кој се трошат парите од даноците на луѓето“,
рече Спасовски кој се повика и на напредокот нотиран во извештајот на ГРЕКО.
Во однос на останатите обвинувања од опозицијата, тој возврати дека се бележи напредок во повеќе области, па како примери наведе дека бројот на кражби е намален за 30 отсто, а на тешки кражби за 27 проценти, измамите за 27 итн.
„Кога говориме за борба против трговија со дрога можеме да правиме и анализи и споредувања и ќе видите дека во последните 30 години немало вакви резултати. Лани, кога министер за внатрешни работи беше од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, имавме само 14 килограми заплена на дрога. Сега, од 1 јануари до 15 април, имаме над 700 килограми запленета разновидна дрога“,
рече Спасовски.
За граничниот премин Богородица, за кој од АА обвинија дека има спрега во криминалната мрежа со трговијата со дрога, Спасовки го наведе примерот на запленетите 390 килограми марихуана од Косово кои требало да стигнат во Турција.
Во своја одбрана, министерот се пофали и со реконструкцијата на 55 полициски објекти и изградбата на 2 нови полициски станици, а најави дека се започнува и со изградба на полициски станици во Аеродром и Бутел.