Во Собранието почна седницата на чиј дневен ред е интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поднесена од Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива по повод бегството на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
Образложувајќи ја интерпелацијата, пратеникот од АА, Халил Снопче, рече дека тоа што сега Мијалков е во притвор не е пречка да се дискутира за интерпелацијата.
„Го прашувам Спасовски дали чувствува одговорност? Тој рече дека одговорноста е кај системот, сакаше да се амнестира себеси заборавајќи дека е главен одговорен за системот. Се поставува прашање кој го контролира системот? Треба да има политичка одговорност. Имавме и изјава од шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која се амнестира себеси си префрлајќи ја вината во МВР и рече дека МВР ги има потребните информации. Во оваа држава имавме две спектакуларни бегства. Прво Груевски, а по него и Мијалков, без разлика што сега е во затвор. Нормално, никој не верува дека ова може да се случи без логистичка поддршка од МВР. Ние ги знаеме изјавите на министерот, тој ќе најде причини и ќе се амнестира. Меѓутоа, помеѓу неговите зборови и перцепцијата на граѓаните постои голем јаз, односно никој не верува дека бегството е без логистичка поддршка од МВР“,
рече Снопче.
Покрај случајот со Мијалков, пратеникот го впери прстот кон министерот и за, како што рече, десетици други скандали за кои е одговорно МВР. Наброја и други бегства, како што се оние на Горан Грујевски и Никола Бошковски од поранешната УБК, на двајца обвинети за настаните од „27 април“, Игор Спасов кој беше фатен во Софија…
Пратеникот зборуваше и за случајот со издавањето на 214 пасоши на криминалци од странство, а ако е точно дека опозицијата сакала да ја „минира“ акцијата со објавување информации, тогаш и тоа е причина за одговорност.
„Ако е деконспирација, тоа е дополнителна причина за одговорност. Како може да излезат информации од еден орган што треба да гарантира безбедност и доверба?“,
рече пратеникот.
Проблемот со двојните матични броеви, кои ги имаат околу 20 000 за кои зборуваше ВМРО-ДПМНЕ, АА ги наведе на листата причини за одговорност од Спасовски, а ја споменаа и акцијата го Грчец и Гази Баба кога беа разбиени криминални групи за продажба на дрога, но наркобосовите избегаа. Во однос на криминалот со дрога, Снопче обвини и за спрега на вработени на граничните премини Јажинце и Богородица, а за што, како што рече, МВР не постапува.
„МВР не работи во јавен интерес, туку е ставено во служба на мафијата. Околу 60 проценти од граѓаните не веруваат во МВР и тоа е од пред скандалот со пасошите, што значи дека сега довербата е уште поголема“,
рече Снопче.