Двајца браќа од Сарај, на возраст од 24 и 26 години, се обиделе да отпатуваат надвор од државата со лажни негативни ПЦР-тестови, иако биле болни од ковид-19, со решение за изолација. Обвинителството двете лица ги гони за две кривични дела – фалсификување исправа и непочитување на здравствените протоколи во време на пандемија.
„Иако со Решение на Државниот санитарен и здравствен инспекторат од 5 април на двајцата обвинети им била определена задолжителна изолација и лекување во домашни услови, како потврдени случаи на заболени од ковид-19, тие на 7 април со лет од Меѓународниот аеродром Скопје се обиделе да ја напуштат државата. Притоа, пред овластените службени лица на аеродромот прикажале лажни потврди за негативен ПЦР-тест за коронавирус, наводно изработен од лабораторија во Скопје на истиот ден кога всушност добиле позитивен резултат“,
се наведува во соопштението од обвинителството.
Обвинителството бара судот да изрече парична казна од по 50 дневни глоби во вредност од по 40 евра.