Градоначалникот на Центар зборува за можни последици по општинскиот буџет ако инвеститорите тужат, а експретседателката на Советот вели дека тоа е само барање изговор
Не помина многу време откако мораториумот за градба во Општина Центар падна на Уставен, а веќе се на повидок нови градби во епицентарот на Скопје. Многумина жители, и воедно гласачи во Центар, не сакаат нови згради. Ако сакаат, Општината и градоначалникот може да направат уште еден обид да стопираат дел од новите згради со барање за привремена суспензија на спорните урбанистички планови. Но…
„Не можеме да ги запреме старите планови, единствено со суспензија која што може да заврши со штета. Јас тоа морам да го предупредам“,
вели градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

„Ако не сме спремни да го направиме и одржиме тоа до крај, подобро е да си дадеме оставка сите заедно и да речеме немоќни сме нешто да направиме отколку да глумиме дека сакаме нешто да направиме ама не можеме“,
смета советничката Јана Белчева.

„Нашиот став е да се побара суспензија за овој план“,
децидна е Билјана Ивановска, претседателката на Антикорупциска.

Една недела по уплатата на комуналиите за градба на висококатници кај „Холидеј ин“, освен Општината и инвеститорите, во приказната се и Владата, јавното обвинителство, граѓаните „против“, но и граѓаните „за“ градба, а веќе има најави дека за случајот ќе се слушне и во судот во Стразбур.
Во четвртокот Општината Центар одржа редовна седница на Советот. Сѐ беше мирно до крајот на дневниот ред, каде што по барање на градоначалникот Саша Богдановиќ беше ставена точка – разгледување информација за суспензија на деталните урбанистички планови.
Во еден момент претседателката на Советот, Цветанка Симоновска, ја прекина седницата.
„Ние не можеме да донесеме ниту препорака, ниту заклучок, ниту одлука за суспензија, а сите се на штрек и очекуваат такво нешто, а тоа не беше ниту точка на дневен ред“,
рече претседателката на Советот на Општина Центар, Цветанка Симоновска.

На дневниот ред беше само „информација“, иако се најавуваше некаква одлука. Таквите очекувања дента ги подгреа министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски, кој изјави дека се сретнал со градоначалникот Саша Богдановиќ и дека очекува Советот на Центар да донесе одлука за постапување по спорните урбанистички планови.
„Нивна е одлуката која ќе ја донесат денеска на седницата на Советот на општина Центар и после таа одлука, ние очекуваме да видиме дали ќе одат во насока на барање за стопирање на некој од плановите, дали се работи за цел план за суспендирање или дел од план. Веднаш потоа, во рок од 15 дена, имаме рок да дадеме наше мислење на тоа и потоа повторно се враќа во Советот на општината на конечна одлука и секако ја очекуваме одлуката на Општина Центар“,
вели министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Обидот да се расчисти кој што направил или требало да направи со деталните планови во Центар води кон нов заплет. Уште на 17 декември лани во Службениот гласник на Општина Центар е објавен заклучок со кој се обврзува градоначалникот Саша Богдановиќ да поведе постапка за суспензија на сите спорни детални урбанистички планови. Постапката за суспензија требало да се донесе врз основа на стручен елаборат и тој да биде испратен до Министерството за транспорт и врски.
„Урбанистички план (…) негов дел или планска одредба се суспендира од применување од страна на донесувачот на планот, доколку се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведувањето на планот, која би се зголемувала со неговото спроведување, а произлегува од неговата спротивставеност со законот и прописите донесени врз основа на него, поради неговата неусогласеност со планови од повисоко ниво или поради плански решенија чиишто штетни последици по јавниот интерес не биле воочени во постапката за негово донесување“,
пишува во членот 23 од Законот за урбанистичко планирање.
Постапката ја поведува општината, но не може да помине без согласност Министерството за транспорт и врски. А министерот Бочварски вели – тој не добил никаков елаборат за суспензија на Детален урбанистички план од општината.
„Законот за урбанистички планирање нуди можност за суспензија, но барање за неа мора да потекне од општината, а потоа сите институции ќе дадат мислење“,
вели министерот Бочварски.
И додека Бочварски тврди дека кај него никој не го оспорил планот за просторот спроти „Холидеј ин“, градоначалникот на Центар го тврди спротивното. Богдановиќ вели дека постапил по одлуката на Советот од декември, но дека документите биле доставени по пошта, а не преку електронски систем.
„Ние сме ги испратиле, но во тој момент немаше можност, сме ги испратиле во хартиена форма. Елаборатите ги доставуваме хартиено и ги прикачуваме во систем. Ама во тој момент, кога беше донесен заклучокот, немаше таква можност. Затоа сме ги испратиле. Ние сме постапиле по заклучокот што го донел Советот“.
– Кога се испратени точно?
– Кај нас е заведено на 28.12.2020.
– Бидејќи пред два дена и министерот за транспорт вели дека немате доставено.
– Бидејќи тие го гледаат електронскиот систем кој не функционирал и немал прозорче,
одговара Богдановиќ.
По овој одговор, „360 степени“ повторно се обрати во Министерството за транспорт и врски, со нови прашања. Овој пат ни објаснија дека примиле допис од Општината Центар, но дека во него има само барање за мислење – како Општината да го изработи елаборатот, а не и елаборат за суспензија на детални планови.
Затоа, на Општината уште тогаш ѝ одговориле дека не може да разгледуваат суспензија на детални планови сѐ додека не добијат и елаборат за оправданост, како што предвидува законот.
„Министерството за транспорт и врски не може да одговори на Вашето барање без претходно да ја утврди оправданоста за суспензијата образложена со елаборатот“,
се вели во одговорот на Министерството за транспорт и врски до Општина Центар.

Без никој да прифати одговорност зошто досега не се искористени сите правни механизми, го поставивме прашањето – што е можно да се направи во иднина? Богдановиќ вели дека останува опцијата за суспензија, со едно „но“. При суспензија, законот предвидувал да се почне и постапка за нов детален план или негови измени. Планот треба да се прави по јавен повик, со дефинирани цени по метар квадратен, но тој ценовник што го бара новиот закон, а е задача на Комората на овластени архитекти, сѐ уште не е готов.
„На тој повик мора да ставите цени по квадратен. Си има параметри за да може да го објавите. Ние уште немаме тарифник. А по закон стои по тарифникот. Тарифникот се уште се работи… треба да даде согласност да го коригира Комората на архитекти“,
изјави Богдановиќ.
И тука почнува нова компликација. Од Комората на овластени архитекти и овластени инженери велат дека тие донеле предлог-правилник и дека Владата го прифатила уште пред три месеци.
„Владата донесе одлука за прифаќање на тарифникот за вредноста на работите од урбанистичкото планирање на 12 јануари 2021 година. Таа е објавена во Службен весник. Согласно Законот за урбанистичко планирање, по предлог на Комората, тарифникот го донесува надлежниот министер, по претходна согласност од Владата“,
стои во одговорот од Комората на овластени архитекти и овластени инженери.
Од транспорт и врски признаваат дека тарифникот е изготвен, но не е донесен. Требало да го усогласат со Законот за урбанистичко планирање и со Законот за јавни набавки за да влезе во примена.
Но, од овој владин ресор му порачуваат на Богдановиќ дека, во меѓувреме, Општината може да изработи нов детален план како порано, преку тендер според Законот за јавни набавки. Богдановиќ не мисли така.
„Имаат поврзаност бидејќи тоа е еден вид подзаконски акт, цена, бидејќи како јас ќе распишам јавен повик. А ми вика работи по тарифник“,
одговара Богдановиќ.

Со случајот веќе се занимаваше и Државната комисија за спречување на корупцијата. Претседателката Билјана Ивановска не гледа зошто Општината тактизира.
„Според новиот закон, еден план што ќе се стави под суспензија веднаш треба да се започне со изработка на нов план за кој треба да има утврдено ценовник. Зошто не го дава планот под суспензија кога треба Министерството во рок од две недели да даде одговор дали ја прифаќа суспензијата или не. Не мора да чека да се донесе ценовникот и не треба тоа да биде препрека и бидејќи има доволно простор во тие две недели министерот да си донесе и ценовник и да го прифати барањето“,
изјави Ивановска.
Повеќе од три години градоначалникот и мнозинството во Општина Центар се бореа да подобрат барем дел од деталните планови преку привремена суспензија, што на крај Уставен ја прогласи за неуставна. Сега кога имаат и законска можност за такво нешто според новиот закон, градоначалникот предупредува на можни последици.
„Затоа во изминатите неколку дена интензивно со сите правници, вработени па и колеги од министерство да ги предочиме последиците кои ќе се случат во случај да дојде до таква одлука. Можеби се ќе успее, може ќе биде се во ред, но, големи се шансите да имате барање за претрпена штета и на крајот ем повторно да се гради и плус да платите големи штети“,
вели Богдановиќ.
Советничката Јана Белчева, која самата се повлече од претседателското столче во општинскиот Совет, има впечаток дека локалната власта се предава пред противникот по долгогодишната борба за деталните урбанистички планови. Заканите со тужби од инвеститорите и плаќањето отштета, според неа, се само за заплашување.
„Јавниот интерес само институциите можат да го бранат. Тие се формирани за тоа и системот треба да постои, да го направи балансот меѓу приватниот и јавниот интерес и секогаш тој да биде пред приватниот интерес. Не мислам дека ниту една од тужбите на било кого може да надвладее и да биде поважна од јавниот интерес. Ова е наследство од претходната власт, но оваа власт требаше да смогне сили, а не да покажува немоќ да се вади на институционална неусогласеност, да се вади на законски пропусти, бидејќи во законските пропусти ни се протнуваат бетонски џинови“,
смета советничката Белчева.
Паркингот кај хотелот „Холидеј ин“ е само еден простор во спорните ДУП-ови за кои Општина Центар неколкупати носеше одлуки за мораториум. Случајот ги надминува границите на локацијата бидејќи примерот што ќе се постави со конечното решение ќе дефинира кој владее во урбанизмот – приватниот интерес или општинските власти.