Во Сингапур е потврден првиот случај на коронавирусот. Се работи за 66-годишен Кинез, а во тек се тестирања на уште две лица – неговиот син и жена што допатувала од Кина
Градот Хуанганг, кој се наоѓа на околу 70 километри од жариштето на коронавирусот, Вухан, е вториот град во Кина кој ќе биде ставен во карантин за да се спречи ширењето на новооткриениот смртоносен вирус.

Во Хуангганг живеат повеќе од седум милиони луѓе и е меѓу најгусто населените кинески градови. Колку за споредба, Лондон, на пример, има исто така околу осум милиони жители.
Како што соопштија локалните власти, автобуските и железничките мрежи во Хуангганг ќе бидат затворени денеска попладне. Тоа значи дека никој нема да може да отпатува од градот на овој начин, а на жителите им се советува да не патуваат ниту со други средства.
Но, животот и во самиот град ќе биде нарушен бидејќи карантинот подразбира затворање на сите јавни места како кина, ресторани и кафулиња.
Може ли да стави цел град во карантин?
Првиот град што е ставен во потполна изолација е Вухан. На два дена до кинеската Нова година, железничката станица е невообичаено мирна. Во градот веќе не функционираат јавниот превоз, автобусите, траектите и подземната железница, а затворен е и тамошниот аеродром. На сите жители им е наложено да не ги напуштаат своите домови.
Низ градот се поставени термални монитори преку кои се идентификуваат лицата со зголемена телесна температура.
Вухан со 11 милиони жители е седмиот најголем кинески град или 42. по големина во светот, според ООН. Но, сето ова ќе останеше непознато за светската јавноста ако не се „прославеше“ како изворот на коронавирусот од кој досега починаа најмалку 17 луѓе, а над 500 се заразени, од кои 378 се во провинцијата Хубеи, каде што главен град е Вухан. Останатите 26 се во Гуангганг – 26, Пекинг – 10 и 38 во Хонгконг.

За научниците прашањето е дали е можно да се стави во карантин еден цел град?
„Не можете да ги блокирате секој пат и секоја врска. Можеби е можно до одреден степен… но целосно не“, вели Гауден Галеа, претставник на Светската здравствена организација во Кина.
Според него, обидот да се затвори цел град од 11 милиони е нешто ново во науката. Но во оваа фаза не знае дали ова е возможно или не.
Генерално, во цела Кина се засилени мерките за безбедност и се врши проверка на сите патници, а откажани се новогодишните прослави во Пекинг.
Слични акти веќе презедоа и американските власти кои ги прегледуваат патниците од Кина.
Северна Кореја привремено ја затвори својата граница за сите странски туристи, а на Филипини, Хонгконг, Тајван и во Јужна Кореја има карантин во кој детално се вршат контроли за евентуално постоење симптоми кај патниците кои во овие земји доаѓаат од Кина.

И Велика Британија објави дека ќе го засили надзорот на сите лица кои во државата пристигнуваат од кинеската покраина во која се наоѓа градот Вухан, а доколку има потреба мерката ќе важи за сите летови од Кина кон Обединетото Кралство.
Превентивни мерки воведе и Турција, со оглед дека авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ има летови и до Кина.
Зошто не е прогласена епидемија
По целодневна расправа вчера, Комисијата за итни случаи на Светската здравствена организација беше поделена околу тоа дали да треба да прогласи глобална епидемија. Наместо тоа, членовите на Комисијата одлучија да почекаат уште еден ден, па потоа да се оценат фактите.
Предизвикот со кој се соочуваат научниците е менувањето на ситуацијата од ден во ден за тоа како се шири вирусот, а таа ескалираше со потврдата дека се пренесува до човек на човек, што за генералниот директор на СЗО, Тедрос Габриезус, претставува „сложена ситуација“ и е потребно „соодветно разгледување на сите докази“.
Постојат три теста што треба да се поминат пред да се прогласи глобална епидемија, но главно мора да биде „вонреден настан“ со ризик од „меѓународно ширење“, што бара „координиран меѓународен одговор“.
За тоа како се шири коронавирусот, повеќе прочитајте ТУКА.
*Поврзана вест
ИЈЗ: Засега нема потреба од воведување посебни мерки во врска со новиот коронавирус во земјава