Членот на Антикорупциската комисија, Горан Трпеноски, вели дека со првичната проверка регистрирале околу 40 000 евра кои биле ставени на даночните пријави на граѓани, без тие да знаат за тоа, а вакви пријави имало и во Финансиската полиција
Проблемот на кој посочуваат од ДКСК е што не постои регулатива за пропишан систем за евиденција на играчи, односно нема можност да се контролира исплатата во кеш бидејќи таа им се исплаќа на рака, а не на трансакциска сметка
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) открила злоупотреба на лични податоци и сомнежи за перење пари од страна на обложувачници.
До вакви индиции е дојдено при проверки на имотно-правна состојба на избрани и именувани функционери и вистинитоста на доставените податоци,
Членот на Антикорупциската комисија, Горан Трпеноски, кој работел на случајот заедно со службите во комисијата, вели дека со првичната проверка регистрирале околу 40 000 евра кои биле ставени на даночните пријави на граѓани, без тие да знаат за тоа. Тие откриле случај за сомнеж на злоупотреба на личните податоци на граѓаните од спортските обложувачници и индиција за сомнеж за можно перење пари.
За ова се известени МВР, Финансиската полиција, Финансиското разузнавање, Управата за јавни приходи за да ги проверат сомневањата за можни финансиски малверзации од страна на обложувачниците.
Но, како што рече Трпеноски, од Финансиската полиција ги известиле дека и голем број граѓани пријавиле вакви случаи. Оттаму рекле дека по завршување на предистражната постапка по известувањето на надлежното обвинителство ќе ја информираат и ДКСК.
Проблемот на кој посочуваат од ДКСК е што не постои регулатива за пропишан систем за евиденција на играчи, односно нема можност да се контролира исплатата во готово бидејќи таа им се исплаќа на рака, а не на трансакциска сметка.
И од УЈП им било кажано дека е невозможно да се врши надзор и контрола од страна на која било институција во државата за тоа дали операторот на уплатното место ги внесува личните податоци на вистинскиот добитник, со оглед на тоа што во текот на едно деноноќие се вршат повеќе илјади исплати на ниво на државата.
Затоа и не постоела можност за откривање и спречување на овие појави за злоупотреба на личните податоци, како од правно-нормативен така и од оперативно-технички аспект.
Поради тоа, од ДКСК заклучуваат дека има голем системски пропуст и дека Законот за игри на среќа дозволува финансиски малверзации, односно перење пари или сомнеж за кое било кривично дело.
Тој предложи ДКСК да побара итно да се направи антикорупциска проверка на Законот за игри на среќа и промена во Законот или да се регулира оваа исплата во готово, а до играчите на среќа и граѓаните апелира да си ги проверат даночните пријави бидејќи има случаи на губење социјална помош, крадење лични податоци, земање кредити…