Северна Македонија, според Индексот на демократија, во 2019 година е на 77. место или едно место погоре од минатогодишното рангирање (78) што го прави британскиот неделник „Економист“.
Со индексот на демократија се опфатени 167 држави, а оценувани се по 60 показатели во пет категории – изборен процес и плурализам, функционирање на владата, политичко учество, демократска политичка култура и граѓански слободи.
Со 5,97 поени на скалата од 0 (авторитарни режими) до 10 (целосни демократии) земјава и натаму останува во групата „хибридни режими“ каде што се сместени државите со индексни поени од 6 до 4.

Во категоријата „хибридни режими“ од балканските земји се Црна Гора со 5,65 поени на 83. место, Босна и Херцеговина со 4,86 поени на 102. место, додека Албанија со 5,89 поени е на 79. место.
Една категорија погоре во „недоволни демократии“ се Хрватска со 6,57 поени на 59. место, Србија со 6,41 поени на 66. место, Словенија со 7,5 поени на 36. место и Бугарија со 7,03 поени на 47. место.
На врвот на листата останува Норвешка со резултат 9,87 поени, додека на дното е Северна Кореја со 1,08 поен. Најголем скок годинава „Економист“ регистрира кај Тајланд, кој се искачил за 38 места погоре од лани, додека најголемо уназадување има во Кина која падна на листата за 23 места.
Генералниот заклучок на „Економист“ е дека во 2019 година е постигната просечна глобална оценка од 5,44 поени (лани била 5,48 поени) и ова се смета за најлош резултат од почетокот на рангирањето од 2006 година досега.