Републичкиот обвинител смета дека оцената на Стејт департментот е објективна и порачува дека многубројните предизвици со кои се соочуваат обвинителите не смеат да бидат оправдување за пролонгираните истраги
Републичкиот обвинител Љубомир Јовески, на онлајн-состанок со шефовите на јавните обвинителства, побарал да се направи увид во предметите каде што се продолжувале или пречекорувале роковите за истрага за да се утврди кои се причините за тоа.
Причината за состанокот што го одржал Јовески е неодамнешниот извештај на Стејт департментот на САД во кој се констатира дека обвинители ги пречекоруваат роковите за истраги, а не сносат никакви последици за тоа. Републичкиот обвинител смета дека оваа оценка е објективна и порачува дека многубројните предизвици со кои се соочуваат обвинителите не смеат да бидат оправдување за пролонгираните истраги.

„Апелирам на одговорност, совесност и чесност со цел враќање на угледот во професијата. Тоа можеме да го направиме само со ефикасност на постапките“,
рекол Јовески на состанокот.
Покрај барањето до обвинителите да вложат максимални напори за поефикасно гонење на криминалот, тој констатира дека треба да се унапреди и соработката со МВР бидејќи, според него, Обвинителството не може самостојно да го истражува современиот криминал.
Во тој дел, од Обвинителството дел од „вината“ ја префрлаат и на другите институции што ги кочат постапките, како на пример, со долгите вештачења.
„Токму соработката со другите институции, покрај актуелната епидемиолошка состојба во државата, беше наведена како клучен елемент за долгото траење на одредени истражни постапки. Обвинителите се соочуваат со проблеми заради долготрајни вештачења од определени институции, како и со непочитување на законските рокови од одредени институции за достава на бараните податоци. Исто така, долготрајна е и постапката на меѓународна правна помош, која е неопходна за обезбедување докази во определени предмети“,
констатираат од Обвинителството.
Јовески најавува дека ќе побара средби и со претставници на другите институции од кои ќе побара нивно доекипирање и навремено доставување на податоците што ги бараат обвинителите во текот на истрагите.
Уште еден сегмент што го споменуваат од Обвинителството за да се реши проблемот со пречекорување на роковите за истраги е и да се направат измени на Законот за кривична постапка (ЗКП) за да се надминат проблемите и недостатоците што придонесуваат за долгите постапки.
Извештајот на Стејт департментот, кој го предизвика овој состанок на Јовески со другите обвинители, беше објавен на 30 март годинава, а во делот за истрагите се констатира:
„Законот предвидува рокови за да се избегнат долги кривични постапки. Генерално, обвинителите треба да ги завршат истрагите во рок од 6 месеци, иако тие може да се пролонгираат на 12 месеци во посложените случаи и на 18 во случаите со организиран криминал во координација со претпоставениот. Во пракса, обвинителите често ги надминуваат овие рокови и не сносат последици за нивно неисполнување“.
Во Законот за кривична постапка роковите за истрагите се наведени во членот 301, каде што во ставот 1 пишува дека обвинителот ја завршува истрагата кога ќе оцени дека состојбата е доволно разјаснеата за да може да подигне обвинение или да ја запре истрагата.
„Ако истражната постапка не се заврши во рок од шест месеци од денот на донесување на наредбата за спроведување на истражна постапка, јавниот обвинител е должен за тоа да го извести вишиот јавен обвинител, кој во сложените предмети може овој рок да го продолжи за уште шест месеци. По исклучок, овој рок може да се продолжи уште за три месеци од страна ја јавниот обвинител на Република Македонија.“
„За кривичните дела од областа на организираниот криминал рокот од став 2 на овој член може да биде продолжен за уште шест месеци од страна на јавниот обвинител на Република Македонија“,
пишува во ставовите 2 и 3 од членот 301 од ЗКП.
Во истиот член се предвидува и дека заради неправилности или одложувања на истрагата, осомничениот, неговиот адвокат или оштетениот можат со поплака да се обратат до вишиот јавен обвинител, кој треба да испита дали наводите од поплаката се основани и да преземе мерки да се заврши истрагата.

По објавувањето на извештајот од Стејт департментот, побаравме коментар од Обвинителството од каде што посочија дека за овие рокови нема правни последици.
„Како што се наведува и во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права, роковите за истражната постапка предвидени во член 301 од Законот за кривична постапка се инструктивни и за нивното продолжување нема правни последици“,
ни одговорија од Обвинителството на 31 март 2021, цитирајќи го понатаму споменатиот член од ЗКП.
Според тогашниот одговор од Обвинителството, продолжувањето на роковите во пракса се случувало поради објективни околности наведувајќи ги сличните причини како и од соопштението по денешниот состанок.
„Тоа најчесто заради објективни околности, како што е оневозможеност на сведоци, долготрајни вештачења, процедурите за меѓународна правна помош кои бараат подолго време и слично. Освен ова, треба да се има предвид и недостигот на јавни обвинители и друг кадар со кои се соочува Јавното обвинителство од една страна и обемот на истражни дејствија што се преземаат во секој поединечен предмет, што исто така придонесува за долготрајност на истражните постапки“,
рекоа тогаш од Обвинителството.
На нашите дополнителни прашања, дали има некаква дисциплинска постапка за некој обвинител, а е поврзана со роковите, како и дали имало некоја поплака до виш обвинител и кој е исходот, не добивме одговор.