Откако се потврди дека коронавирусот од Кина се пренесува од човек на човек, се адаптира и мутира, а почна да се шири и во САД, „црвен аларм” вклучи Светската здравствена организација. На вонреден состанок можно е да биде прогласена меѓународна вонредна состојба, како што беше со вирусот ебола, што ќе биде итен повик за меѓународен одговор.
Во меѓувреме, кинеските здравствени власти информираат дека досега се регистрирани повеќе од 400 заболени и девет смртни случаи низ поголемите градови во Кина, вклучувајќи ги Пекинг и Шангај, а најголем број пациенти има од Вухан, каде што се појави епидемијата.
Си-ен-ен вчера јави дека вирусот бил дијагностициран и кај американски граѓанин од Сиетл, кој патувал од Кина, а заболени жители кои се вратиле од Вухан се регистрирани и во Тајланд и Јапонија. Северна Кореја, во меѓувреме, привремено ги затвори границите за странските туристи како одговор на заканата од ширење на вирусот.
Коронавирусот го напаѓа респираторниот систем и предизвикува еден вид пневмонија, а според директорот на кинескиот Центар за контрола и превенција на болести, потекнува од нелегалниот пазар на диви животни.
Светската здравствена организација ги советува луѓето да избегнуваат контакт со животни без заштита и со лица што имаат симптоми на настинка или грип.