Во ревизорските извештаи се констатира дека СДСМ има нецелосен увид во партиските приходи од членарина и не ја има уредено сопственоста на партискиот деловен простор. Се посочува дека зголемена е вредноста на имотот на ВМРО-ДПМНЕ и се препорачува одговорните лица на партијата да преземат мерки и активности за соодветно евидентирање на недвижниот имот. За ДУИ е констатирано дека примила донации поскапи од дозволеното…
Државниот завод за ревизија (ДЗР) денеска ги објави конечните ревизорски извештаи за „Сметката за редовно работење“ на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Во извештаите, меѓу другото, се констатира зголемување на буџетското финансирање на партиите наспроти намалените донации, недоволен увид во финансирањето преку членарина, зголемување на вредноста на партискиот имот, нејасна сопственост на партиски деловен простор….
СДСМ
Државниот завод за ревизија извршил ревизија на спроведување на дадените препораки од Конечниот ревизорски извештај за 2018 година на СДСМ и извести дека двете дадени препораки не се спроведени.
„Во конечните извештаи за извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на СДСМ за претходни години, овластениот државен ревизор извести дека партијата располага и користи деловен простор во градежни објекти кои ги наследила од правен субјект нејзин претходник. За овие објекти СДСМ нема обезбедено документи за утврдување на сопственоста, нивно запишување во Агенцијата за катастар на недвижности и сметководствена евиденција во деловните книги на партијата“,
се вели во извештајот.
Во извештајот се констатира и нецелосен увид во прибирање, уплата и известување за приходите по основ на членарина.
„Воспоставениот начин на прибирање, уплата и известување за приходите по основ на членарина во СДСМ не обезбедува целосен увид и потврдување во поединечно уплатените средства. Одговорното лице на партијата да преземе активности за донесување на акт за доуредување на начинот на прибирање, уплата и известување за поединечни износи на средства по основ од членарина, заради потврдување дека поединечните износи на членарина се во рамките на законски утврдениот лимит“,
се наведува во извештајот.
Со анализата на вкупните приходи по видови извори на финансирање, ДЗР констатира дека законските измени за финансирање на партиите значително влијаеле врз структурата на приходите. Така, учеството на јавното финансирање од Буџетот на Македонија на редовното работење на СДСМ бележи тренд на зголемување, и тоа од 37 проценти во 2015 година до 82 отсто во 2019 година, наспроти тренд на опаѓање на учеството на приватните извори на финансирање во вкупните приходи на партијата.

„Наведената состојба може да има влијание врз структурата на расходите на партијата во нареден период, имајќи ја предвид измената на член 83-а став 2 алинеја 1 од Изборниот законик, каде што извор на финансирање на изборната кампања, меѓу другите извори се и средствата од редовната сметка на политичката партија“,
се вели во извештајот.
ВМРО-ДПМНЕ
Во конечниот извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ВМРО-ДПМНЕ за 2018 година, овластениот државен ревизор, како што се наведува во извештајот, извести за судска постапка поведена од страна на надлежните органи во октомври 2018 година, со која на ВМРО-ДПМНЕ му се забранува дел од недвижниот имот/градежни објекти со вкупна набавна вредност во износ од 1 140 344 денари, сопственост на партијата, да го отуѓува, става под хипотека и располага со давање под закуп, сѐ до завршување на постапката пред надлежниот орган.
„Забраната за привремено располагање со дел од имотот на политичката партија преку поведената постапка влијае на проценетата вредност на дел од недвижниот имот искажан во Билансот на состојба, согласно член 14 од Законот за сметководството на непрофитните организации. Во деловните книги во 2019 година вредноста на имотот е зголемена за пресметаната ревалоризација во износ од 12 407 денари. Истакнуваме дека до денот на вршење на ревизијата, постапката поведена пред надлежните органи е се уште во тек“,
се вели во извештајот.
Препораката што се наведува во извештајот е одговорните лица на партијата да преземат мерки и активности за соодветно евидентирање на недвижен имот, по завршување на постапката пред надлежните органи.
Државниот завод за ревизија и кај ВМРО-ДПМНЕ утврдил зголемување на буџетското финансирање на партијата.

„Со анализата на вкупните приходи по видови на извори на финансирање, констатиравме дека учеството на јавното финансирање од Буџетот на РСМ на редовното работење на ВМРО-ДПМНЕ бележи тренд на зголемување и тоа од 27 проценти во 2016 година до 67 отсто во 2019 година, наспроти тренд на опаѓање на учеството на приватните извори на финансирање (членарини и донации) во вкупните приходи на партијата. Наведената состојба може да има влијание врз структурата на расходите на партијата во наредниот период, имајќи ја предвид измената на член 83-а став 2 алинеја 1 од Изборниот законик, каде извор на финансирање на изборната кампања, меѓу другите извори се и средствата од редовната сметка на политичката партија“,
се посочува во извештајот.
ДУИ
Ревизорскиот извештај на политичката партија ДУИ констатира неколку состојби: во годишниот извештај на донации за 2019 година ДУИ пријавила донација од физичко лице во износ од 2 046 денари која се однесува на добиено моторно возило како дар во минати години. Проценетата вредност на возилото го надминува законски дозволениот износ на донација во износ од 1 318 денари, што не е во согласност со членот 16 од Законот за финансирање на политичките партии; регистарот на донации за 2019 година, не е изработен на образец пропишан со Правилникот за формата, содржината и начинот на водење на регистарот на донации донесен од страна на министерот за финансии, што не е во согласност со член 17 од Законот за финансирање на политичките партии.
Наведените состојби, стои во извештајот, влијаат врз лимитот на средствата кои политичката партија ги обезбедува како извор на финансирање по основ на донации, како и врз информациите кои ги дава Регистарот на донации. Како препорака се наведува одговорното лице на партијата да преземе мерки и активности за почитување на законски дозволените износи за донации предвидени со Законот за финансирање на политичките партии и изготвување на регистарот на донации на законски пропишан образец.

„Со анализата на вкупните приходи по видови на извори на финансирање, констатиравме дека учеството на јавното финансирање од Буџетот на РСМ на редовното работење на ДУИ бележи тренд на зголемување и тоа од 51,12 проценти во 2015 година до 83,58 отсто во 2019 година, наспроти тренд на опаѓање на учеството на приватните извори на финансирање во вкупните приходи на партијата. Наведената состојба може да има влијание врз структурата на расходите на партијата во нареден период, имајќи ја предвид измената на член 83-а став 2 алинеја 1 од Изборниот законик, каде што извор на финансирање на изборната кампања, меѓу другите извори се и средствата од редовната сметка на политичката партија“,
се вели во извештајот.
