Претставникот на власта Бојан Маричиќ и претставникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, денеска ќе се сретнат за да разговараат за законот за јавно обвинителство.

На средбата, како што посочија вчера од партиите, тие треба да ја договорат динамиката на разговори за ова прашање.
„Ние очекуваме од ВМРО-ДПМНЕ конкретни позиции и амандмани на писмено, што досега не сме ги добиле, а најавуваат дека тоа ќе го направат дури в среда“,
брифираа вчера од СДСМ.
Од опозицијата, пак, во однос на забелешките за нацрт-законот што им го испрати власта не коментираат за забелешките велејќи дека сакаат да им дадат шанса на преговорите.
Засега нема најави дека деновиве може да се одржи и лидерска средба. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера изјави дека е подготвен за средба, а најави и дека ќе се обиде да обезбеди двотретинско мнозинство и со другите пратеници. Први со кои ќе разговара, рече, се осумте пратеници што беа исклучени од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ откако гласаа за уставните измени.
Мицкоски, пак, пред два дена посочи дека нема намера да губи време на средба. Таа би можела да се случи, како што наведе, ако има доближување на ставовите на работните групи.
Од оваа партија досега единствено со првични конкретни забелешки излезе пратеникот Антонијо Милошоски посочувајќи дека нацртот на предлог-законот на власта остава простор обвинителите од СЈО да се „вдомат“ во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со кое раководи Вилма Русковска.
Носење на закон за јавно обвинителство како приоритет на земјава го спомена и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, при неговата прва посета на С.Македонија минатата недела.
Тој тогаш рече дека Европската комисија (ЕК) ќе остане на оценката дека С.Македонија и Албанија се подготвени за почеток на преговори, но земјава ќе испрати добра порака ако го донесе Законот за јавно обвинителство.

„Потребно е Владата и сите други институции да ги имплементираат реформите и да продолжат со досегашната работа, а секако приоритет треба да се даде на новиот закон за јавно обвинителство. Се надеваме дека тоа ќе биде направено од страна на сегашниот парламент, тоа ќе биде добра порака за нашите земји членки. По изборите, се надевам ќе имаме сигурен партнер во Владата и веќе ја изразив мојата подготвеност да работиме со кој и да ја води таа влада“,
рече Вархеји.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, во интервју за „360 Степени“ во петокот ја коментираше токму изјавата на еврокомесарот Вархеји за потребата од донесување на законот за јавното обвинителство, велејќи дека тоа не е формален услов.

„Формален услов ние немаме после чистата препорака и одлуката на советот, меѓутоа имајќи предвид дека владеењето на правото е континуиран бенчмарк за прогрес на европскиот пат, можеме да го интерпретираме и така. Иако не е црно на бело пишан услов, но бидејќи е толку многу навлезено во перцепцијата на земјите членки дека е тоа важно, некако станува многу важно да ни го олесни патот за започнување на преговори оваа пролет“,
посочи Османи.
Но, посочи тој, ако не се донесе законот би ризикувале да им дадеме алиби на земји членки на ЕУ кои се скептични за процесот на проширување.