Во повтореното судење за убиството на матурантот Ангел Петковски во Ѓорче Петров во 2014 година, обвинетиот Насер Ештрефи доби казна од 13 години затвор.
Првостепената пресуда денеска ја изрече судечкиот совет на чело со судијката Диана Груевска-Илиевска од Основниот кривичен суд во Скопје
Во изречената казна се пресметува и времето поминато во притвор, односно речиси 7 години.
Судечкиот совет при изрекувањето на пресудата рече дека било многу тешко да се донесе оваа одлука бидејќи се работи за два млади животи од кои едниот е загубен, а другиот прекинат со издржувањето на казната.
Неправосилно осудениот Ештрефи ќе остане во притвор до правосилноста на пресудата, одлучи судот по барање на јавниот обвинител од ОЈО Скопје, Дарко Јакимовски.
Родителите на убиениот Ангел рекоа дека казната е мала и ништо не може да го врати нивниот син. Таткото Сашо Петковски, кој беше и сведок во судскиот процес, рече и доживотно да го осудат обвинетиот, тоа нема да ја надополни нивната штета.
„Тоа дете беше воспитувано, заврши медицина четврта година, му направивме матура, три дена после матурата го изгубивме нашето дете кое беше за пример. Во Ѓорче Петров и ден-денеска го бараат неговите другари, а ние деноноќно уште сме во кошмари и го бараме и се надеваме дека еден ден ќе ни се врати, но не е возможно“,
рече таткото на убиениот Ангел.
Матурантот беше убиен на 19 мај 2014 година во Ѓорче Петров. Инцидентот започна со кражба на велосипед од страна на Насер Ештрефи од скопското село Грчец, а таткото и синот се стрчале по него. Во бркотницата, кај пешачкиот мост во близина на Европската очна клиника, Ангел беше убиен од страна на Ештрефи со нож.
По нешто повеќе од една година од убиството, летото во 2015 година, беше изречена првата пресуда од Кривичниот суд во Скопје – 14 години затвор. Таа беше потврдена и од Апелацискиот суд, а во ноември лани Врховниот суд ја укина казната и го врати предметот на повторно судење.