„Ова е непристоен предлог што би рекол Роберт Редфорд“, рече Силјановска Давкова алудирајќи на познатиот филм „Непристоен предлог“ во кој главните улоги ги толкуваат Роберт Редфорд и Деми Мур
Премиерот Зоран Заев ѝ понуди место во Владата на пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, откако претходно таа го критикуваше дека нема родова балансираност меѓу министрите.
На седницата за пратенички прашања, вечерва меѓу последните пратеници прашања поставуваше и пратеничката Силјановска Давкова, која му забележа на премиерот Заев дека во Владата има само четири жени министерки и само две жени заменик-министерки. Таа побара од него да направи реконструкција на Владата и му порача да замени поголем дел од мажите со жени.
„Бидејќи сте и по ‘метлите’ ви предлагам како премиер, да ги смените мажите министри со жени“,
рече меѓудругото Силјановска Давкова.
Заев пак, одговори дека тој е за поголема застапеност на жените на јавната и политичка сцена и даде примери дека такви реформи направиле и во партијата. Откако Силјановска Давкова реплицираше дека не се однесува нејзината забелешка за во партиското раководство, туку во редот на министрите, како и директорските и раководните места, Заев дофрли и ја покани да се приклучи во Владата.
„Ајде, повелете во Владата“,
рече Заев.
Силјановска Давкова пак, низ смеа од собраниската говорница му рече дека ова е „непристоен предлог“.
„Ова е непристоен предлог што би рекол Роберт Редфорд“,
рече Силјановска Давкова алудирајќи на познатиот филм „Непристоен предлог“ во кој главните улоги ги толкуваат Роберт Редфорд и Деми Мур.