Студија спроведена на 3 000 лица од Франција, Германија, Италија, Шпанија, Велика Британија и САД покажала дека секој дополнителен час сон ја намалува можноста за заразување со коронавирус за 12 проценти
Нарушувањата на спиењето, несоницата и исцрпеноста создаваат поголем ризик од инфекција со коронавирус, потешки симптоми на ковид-19 и ќе биде потребно подолго време за закрепнување кај високоризичните здравствени работници, покажува новата студија објавена во списанието „BMJ Nutrition Prevention & Health“, пренесе магазинот „Форбс“.
Според студијата, секој дополнителен час сон ја намалува можноста за заразување со коронавирус за 12 проценти.
Со ова истражување се опфатени околу 3 000 учесници од Франција, Германија, Италија, Шпанија, Велика Британија и САД, меѓу кои 568 од нив се разболеле од ковид-19.
Истражувачите собрале податоци за начинот на живот, здравјето и лекови што испитаниците ги земале, како и податоци за тоа колку спиеле во текот на претходната година. Се анализирале и податоци за тоа дали испитаниците имале проблеми со спиењето и колку биле изложени на вирусот на работното место.
Дополнителен час сон го намалува ризикот од инфекција
Студијата открива дека повеќето испитаници спиеле помалку од седум часа, а откако ги разгледале сите фактори што можат да влијаат на инфекцијата, истражувачите откриле дека секој дополнителен час сон во текот на ноќта го намалува ризикот од инфекција за 12 проценти.
Во споредба со испитаниците што немале никакви проблеми, оние што имале потешкотии во спиењето или земале апчиња за спиење, имале 88 проценти поголема веројатност да се заразат со коронавирусот.
Истражувачите откриле дека едно од четири лица со ковид-19 пријавило проблеми со спиењето
Т.н. синдромот на прегорување (хроничен стрес), исто така, е поврзан со поголем ризик од инфекција со коронавирус. Оние што страдале од овој синдром имале речиси двојно поголем ризик од инфекција со коронавирус. Овие пациенти закрепнувале подолго и обично имале потешка форма на ковид-19.
Претходните истражувања покажаа дека луѓето што имаат тешкотии со спиењето или оние што спијат помалку од пет или шест часа имаат поголема веројатност да страдаат од респираторни заболувања.
Моника Хак, психоневроимунолог од Медицинскиот факултет на Харвард објаснува дека има повеќе докази што сугерираат дека доволно спиење помага во спречување и борба против разни видови на инфекции.
Но, експертите инсистираат дека спиењето не е единствениот фактор на ризик за инфекција со коронавирус.
Според анализата од 2020 година, нивото на стрес, пушењето, консумирањето алкохол и други фактори, исто така, влијаат на ризикот од инфекција.