По честите различни изјави од надлежните, прашавме во Министерството за здравство дали знаат колку вакцини и од кои производители ќе стигнат, ако не на месечно, тогаш барем на квартално ниво. Погледнете го видеото
Во две смени од 8 до 20 часот, со два медицински тима, поликлиниката „Јане Сандански“ во скопски Аеродром е еден од трите вакцинални пункта во државава. Дневно околу 250 здравствени работници од различни градови се вакцинираат во оваа амбуланта. Првата станица е проверка во списоците добиени од системот „Мој термин“, по што следува лекарски преглед и потпишување изјава за согласност за вакцинација.

„Имаат одредени прашања што можат побрзо да ни уточнат дали тој што ќе ја прима вакцината имал некои алергиски реакции во минатото, дали примал вакцина во последните 14 дена и за лицата од женски пол дали е во фаза на бременост односно доење.
– Дел од критериумите за прием на вакцина не е да има негативен тест на ковид-19. Што ако некој од оние што доаѓаат е асимптоматски случај?
И да има вакви случаи, вакцината може да го ублажи процесот на компликациите, односно постковид-компликациите, што може да бидат тешка хоспитализација и евентуално тешки последици по здравјето“,
објаснува Даниела Марковска, доктор на медицина.

Оние што ќе добијат зелено светло се упатуваат во просторијата за вакцинирање, по што добиваат и посебен сертификат дека се вакцинирани. Меѓу оние што ја примија првата доза е и Сашко Димов, стоматолог од Росоман.
„Никаква болка не осетивме, сѐ помина во најдобар, одличен ред, да кажеме. Ова е вистинскиот начин да се справиме со оваа пандемија, како да ја речеме во светски размери, друг начин не постои, гледаме дека вирусот постојано мутира, се појавуваат нови соеви“,
вели Сашко Димов.

Во фрижидерите во оваа амбуланта во моментов има резерви само од руската вакцина „спутник В“, кои се чуваат на температура од околу -20 Целзиусови степени. Раководителот на поликлиниката уверува дека се подготвени за многу поголем прилив.

„Капацитетот собира сигурно пет пати повеќе од тоа што го добивме. Откако ќе се извади вакцината, треба да се употреби во рок од два часа. За неколку минути на собна температура веќе е употреблива вакцината.
– Имало ли ситуација да треба да се фрлат дел од количините поради несоодветна координација?
Таква ситуација немало, не сме си дозволиле, ние сме синхронизирани, гледаме колку пациенти ни доаѓаат и тогаш се вадат вакцините“,
вели Боре Радевски, раководител на поликлиника „Јане Сандански“.

Според официјалните податоци на веб-страницата „Ковид-19 вакцинација“, која пред неколку дена ја промовираше Министерството за здравство, досега за вакцинација се пријавени повеќе од 111 илјади граѓани. Тие ги чекаат првите пратки со кои би требало да почне масовната вакцинација. Кога и со која вакцина ќе биде тоа, одговорот од властите досега се менуваше повеќепати. Последната верзија на министерот за здравство Венко Филипче е дека масовната имунизација ќе стартува со пристигнување на првите дози од механизмот Ковакс.
„Тоа што дефинитивно го знаеме е дека првата вакцина којашто ќе стигне преку механизмот Ковакс е на ‘Астра Зенека’, доколку не стигнат кинеските вакцини претходно, тоа ќе биде ‘Астра Зенека’“,
изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Со оглед на честите различни изјави од надлежните за нарачани, договорени и очекувани дози, побаравме од Министерството за здравство одговор – колку вакцини и од кои производители ќе стигнат, ако не на месечно, тогаш барем на квартално ниво оваа година за да може да се проектира дали земјава ќе се приближи до колективен имунитет до крајот на 2021 година.

Добивме одговор единствено за вакцината на „Астра Зенека“. Од неа, според Министерството за здравство, се очекуваат 100 800 вакцини и тоа прва пратка со 33 600, која би стигнала на 31 март и втора поголема пратка со 67 200 вакцини, која се очекува до 15 април. Ако се тргне од фактот дека едно лице треба да прими две дози, тогаш може да се заклучи дека со „Астра Зенека“ ќе може да се вакцинираат 50 400 луѓе во април и мај. Истовремено стигнуваат непотврдени најави за можно пристигнување до крајот на месецот и на вакцините на кинески „Синофарм“, но нема податок за колку количини станува збор во првата испорака, освен што се повторува цифрата од 200 илјади договорени вакцини за до крајот на годинава. За вакцините на „Фајзер“, пак, очигледно е дека се најдалеку од испорака, со оглед на тоа што власта призна дека се уште не е потпишан договор со оваа компанија, иако не толку одамна уверуваа дека во февруари ќе дојде првата пратка од шест илјади вакцини за во март и април да стигнат поголеми количини и конечно годината да се заокружи со 800 000 дози од „Фајзер“. Освен првата пратка од 3000 дози „спутник В“, неизвесно е кога ќе стигнат поголеми количини и од руската вакцина.
Во отсуство на прецизни податоци од домашните власти, одговори за динамиката на испорака на вакцините побаравме од руската и од кинеската амбасада во Скопје, но не добивме. Од американската компанија „Фајзер“, пак, ни рекоа дека преговорите со Владата се во тек и дека станува збор за доверливи информации.

Доцнењето на вакцините очигледно го менува и планот за имунизација на населението кој здравствените власти го промовираа на почетокот на февруари. Па, во Министерството прашавме дали ќе има измени и колкав процент на граѓани очекуваат да се вакцинираат до крајот на годината за да се достигне колективен имунитет? Ни одговорија дека не шпекулираат со бројки.
„Што се однесува до ревидирање на планот за имунизација на населението, тој е подложен на промени во секој момент, врз основа на потребите кои произлегуваат од епидемиолошки аспект и, секако, врз основа на динамиката на испорака на вакцините. Процентот на населението што би се вакцинирало, со оглед на тоа што вакцинацијата е незадолжителна, ќе зависи од желбата на граѓаните да се вакцинираат и со бројка не би сакале да шпекулираме“,
велат од Министерството за здравство.
Истражувањето на Институтот за имунобиологија при Медицинскиот факултет на УКИМ, направено на илјада случајни минувачи на улица, покажа дека тројца на секои десет граѓани имаат имунитет на ковид-19. Што значи тоа за стремежот да се стигне до колективен имунитет додека се чекаат вакцините?

„Некако ќе стигнеме до колективниот имунитет и тоа ќе ја заокружи пандемијата или нашава епидемија. Дали тоа ќе биде природен начин со пренос, а како сме тргнале се приближуваме секој ден, или дали ќе си помогнеме со вакцините е следното прашање. Би било идеално кога сега во поголем број со вакцините ќе го дополниме процентот. Тоа бара прецизни епидемиолошки пресметки, но мислам дека сега не е 70 проценти, туку прагот кој треба да биде постигнат од позитивизирано население е малку подигнат и изнесува околу 80 или 90 отсто, за да може да се ограничи преносот на вирусот“,
објаснува Александар Петличковски, директор на Институтот за имунобиологија.
И додека, на пример, Израел се подготвува да објави дека со вакцинација стигнал до колективен имунитет, граѓаните во земјава, преку официјалната интернет-страница за вакцинација, може барем детално да се информираат за четирите вакцини што се очекува да пристигнат во Македонија – за степенот на ефикасност, за начинот на администрирање, како и за очекуваните несакани ефекти. Затоа што следниот голем проблем за земјава може да биде слаб интерес кај граѓаните за вакцинација.