За неизвршни членови на Советот на централната банка, Владата ги предлага и професорите Борче Треневски и Марјан Петрески, кои се очекува да бидат избрани на собраниската седница што почнува следниот вторник
Никола Поповски, поранешен висок функционер на СДСМ и некогашен претседател на Собранието, а потоа и министер за финансии, е еден од три предлози на Владата за неизвршен член на Советот на Народна банка.
Освен Поповски, кој во последните години е професор на приватен универзитет и член на Надзорниот одбор на Развојната банка на С Македонија, Владата за неизвршни членови на Советот на Народната банка ги предлага и Борче Треневски од Економскиот факултет при УКИМ и Марјан Петрески од „Американ колеџ“.
Предлозите биле усвоени на седница на Владата на крајот на јануари, ама изборот на кандидатите во Собранието е оставен за седницата која почнува на 23 март. На огласот за избор на неизвршни членови на Советот на централната банка се јавиле само пет кандидати, при што една од апликациите е отфрлена како неуредна.
Неизвршните членови на Советот на Народна банка се избираат со мандат од седум години и со право на реизбор. Овој Совет брои девет члена, меѓу кои се гувернерот, тројца вицегувернери како извршни членови и пет неизвршни члена.