Европскиот суд за човекови во Стразбур (ЕСЧП), постапувајќи по предметите за процесот на лустрација во земјава, досега има донесено шест пресуди против нашата држава. Во меѓувреме постапува и по три други предмети.
Владиниот агент за застапување на Република Северна Македонија, пред ЕСЧП, Даница Џонова, за МИА изјави дека, освен за овие предмети, не може да даде други информации дали постојат во Стразбур други апликации на оваа тема. Според Џонова, владиниот агент, преку него и државата прв пат дознава за поднесени апликации тогаш кога тие ќе бидат доставени на одговор.
„Од моментот на нивно поднесување до моментот на нивно доставување одговор за државата може да поминат години”, појаснува Џонова.
Во однос на пресудите на ЕСЧП, таа додава дека вкупниот износ на обесштетување од шесте досегашни пресуди изнесува 32.400 евра.

Моментално пред ЕСЧП, како што истакна Џонова, во тек се постапките за предметите за лицата Владимир Милчин, Кирил Псалтиров и Николче Бабовски.
Инаку, прва пресуда на ЕСЧП, против процесот на лустрација во Северна Македонија, беше за поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски, објавена во јануари 2016, односно оваа одлука стана правосилна во април истата година.
Потоа следеше пресудата за Петар Карајанов, во 2017 година. Во следната 2018 година, ЕСЧП објави две пресуди за Исак Ајрули и Никола Костурски. Последните пресуди против процесот на лустрација од страна на ЕСЧП беа објавени во 2019 година, односно во септември беа објавени одлуките за Драги Билески и во ноември за поранешниот пратеник на ПДП, Сефедин Харуни. Да се бара одговорност и за Комисијата за спроведување на лустрација
Инаку, освен ЕСЧП, и Управниот и Вишиот управниот суд во земјава донесе одлуки за 70-80 предмети од лустрацијата, кои се вратени на од почеток. Но овие случаи повторно не се разгледани затоа што Комисијата за утврдување на факти, е распуштена во 2017 година.
СДСМ во обид да ја поништи лустрацијата
Додека државата губи спорови пред Европскиот суд поради лустрацијата, најголемата владејачка партија СДСМ, се обидува да донесе закон за поништување на последиците од процесот на лустрација.
Законот се наоѓа во собраниската Комисија за политички систем и односи со заедниците, меѓутоа седницата која требаше да се одржи минатата година не се одржа. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараа на оваа седница да присуствува министерка за правда Рената Дескоска за да го образложи предлог-законот.
Меѓутоа, покрај опозицијата, претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски, прстот го впери и кон коалицискиот партнер ДУИ, дека и тие сакаат да го блокираат поништувањето на лустрацијата.

„Со жалење морам да констатирам дека покрај пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, на блокадата ѝ се приклучија и ДУИ и ДПТ, за кои се надевам дека имаат силни аргументи што ќе ги споделат со нас и јавноста, затоа што ваквото несериозно однесување од овие три партии не е дозволено во законодавниот дом“,
рече пратеникот.
Тој не кажа кога ќе биде презакажана седницата, туку само рече дека тоа ќе се случи тогаш кога ќе биде обезбеден кворум и изрази надеж дека ќе се изнајде решение за блокадата.
Според него, присуството на министерката за правда Рената Дескоска, која пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја повикаа лично да го образложи предлог законот, е ирелевантно.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, пак, тогаш на прес-конференција рече дека владејачката партија немала аргументи за укинувањето на лустрацијата.
„Никој освен СДСМ како наследник на тој претходен режим не сака да даде поддршка на тој закон. Нема европска земја која не поминала низ лустрацијата. Ние сме тука, ако Кирацовски ја закаже седницата во 11 часот навечер, ќе отидеме и со аргументи ќе се спротивставиме. Македонија помина низ најмеката лустрација“,
изјави Димовски.
Невладиниот сектор бара Собранието да го донесе законот пред да се распушти
Вчера и граѓанскиот сектор од областа на правосудството и човековите права – Блупринт група, побараа Собранието да го донесе законот пред да се распушти. Претставничката на Блупринт-групата, Сибел Ахмет, во апелот упатен до пратениците потсети дека, согласно Стратегијата за реформи во правосудниот систем, власта се обврза да ги санира штетните последици од процесот на лустрација до 2017 година, но тоа досега не се случи.

„Ние сметаме дека овој закон треба да биде откочен во Собранието и дека треба да биде донесен пред распуштање на Собранието, имајќи предвиде дека станува збор за процес кој беше црна дамка за нашето демократско општество и беше искористен за политички реваншизам на режимот во тоа време“,
изјави Ахмет по состанокот со новинари.
Блупринт е група од повеќе организации кои се во заедничка акција за следење на судските реформи и во неа се: Коалицијата „Сите за правично судење“, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Институтот за човекови права, Институтот за европска политика, Центарот за правни истражувања и анализи и Македонското здружение на млади правници.