Каракачанов објави дваесетина имиња на бугарски гласачи, кои се исти како и имињата на поранешни и сегашни пратеници и функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Но од оваа партија тврдат дека тоа е лажна вест, со која бугарскиот вицепремиер се обидувал да му помогне на Заев
Дваесетина имиња и презимиња, исти како на функционери од врвот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во земјава, објави бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов и посочи дека станува збор за лица што се запишани во Избирачкиот список за претстојните избори во соседна Бугарија. Тие, според објавата на Каракачанов, се регистрирани како гласачи во различни градови.
Од ВМРО-ДПМНЕ мошне брзо излегоа со демант во име на сите посочени партиски функционери и нагласуваат дека станува збор за лажна вест и дека ниту еден од посочените партиски функционери нема бугарски пасош.
На списокот што го објави Каракачанов се имиња исти како имињата на барем десетина актуелни или поранешни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, како и на луѓе од Извршниот комитет на партијата.
На списокот на Каракачанов се:
Александар Николоски – Софија ( како што се вика потпретседателот и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ)
Антонио Милошоски – Софија (како пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ)
Никола Мицевски – Ќустендил (како што се вика координаторот на ПГ на ВМРО-ДПМНЕ)
Стефан Андоновски – Ќустендил (како членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ)
Марија Андоновска – Благоевград (исто име има поранешна пратеничка и актуелна функционерка во ВМРО-ДПМНЕ)
Љупчо Димовски – Ќустендил (името се поклопува со тоа на пратеникот од ПГ на ВМРО-ДПМНЕ и нов претседател на СПМ)
Бојан Стојановски – Благоевград (со исто име е пратеник на ВМРО-ДПМНЕ)
Иван Јорданов – Ќустендил (како пратеник на ВМРО-ДПМНЕ)
Игор Здравковски – Ќустендил
Марија Петрушевска – Средец (како што се вика пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ)
Дајанчо Ефтимов – Благоевград (како поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ)
Здравко Трајанов – Благоевград
Александар Пандов – Средец (исто име како претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ)
Петар Богојески – Обориште (како поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ)
Филип Петровски – (како поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ)
Стевица Јанева – Петрич (како што беше спомнато дека се вика сестрата на сопругата на Христијан Мицкоски)
Тало Груевски – Благоевград (како што се вика таткото на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски)
„На претстојните парламентарни избори ќе можат да гласаат повеќе од 120 граѓани на Република Северна Македонија. Изборните списоци, во кои се запишани сите бугарски граѓани, се информации од јавен карактер и секоја бугарска општина е должна со закон да ги афирмира, физички и онлајн, сите со право на глас. Деновиве пребарував по страниците на бугарските општини и еден поглед на објавените изборни листи е доволен за да се најдат многу интересни имиња, сите луѓе од Македонија, кои се стекнале со бугарско државјанство врз основа на бугарски описи декларирани од нив самите и се самоидентификувале како етнички Бугари“,
пишува Каракачанов
Тој нагласува дека секако дека е можна случајност, односно поклопување на овие имиња со имиња на поединци кои имаат лидерски политички и јавни позиции во Македонија.
„Сепак, ако не е случајност и ако овие луѓе се оние за кои мислам дека се, се надевам дека и ова е во ред. Сакам да верувам дека повеќе не е злосторство против ‘македонската чест’ ако македонски политичар, јавна личност или негов близок роднина се декларира слободно и како етнички Бугарин, без да биде клеветен и исмеван за тоа“,
пишува претседателот на бугарското ВМРО.
Според ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за класична лажна вест.
„Очигледно дека Каракачанов, воден од својата антимакедонска политика, има за цел да оцрнува и да фабрикува невистини против функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија во Македонија која остро се спротивставува на неговите негации на македонскиот јазик, македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонската историја. Гледаме дека Владата постојано молчи на неговите провокации, како во случајот со објавата на картата на санстефанска Бугарија и редица други навреди и изблици на империјализам својствен за 19 век. ВМРО-ДПМНЕ е единствениот политички фактор кој се спротивставува на ваквата негаторска политика на Каракачанов и оттука е јасна причината поради која тој мора да се служи со лаги“,
се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозициската партија, симптоматично е тоа што ваквата објава доаѓа токму во време кога владата на Заев, како што велат, се дави во огромни скандали. Ова, според ВМРО-ДПМНЕ, покажува дека Зоран Заев, „освен што е во коалиција со мафијата во Македонија, е во блиска коалиција и со сите негаторски и антимакедонски сили“. Секогаш кога Заев е загрозен од некој скандал, како што е обидот за коруптивна набавка на вакцини, неспособност да се справи со здравствената и економската криза, падот на рејтингот на СДСМ или кога излегува некоја афера како што е набавката на софтвер од страна на Драги Рашковски, се појавува некој лик како Красимир Каракачанов да му фрли гума за спасување.
„Да им порачаме и на Каракачанов и на Заев дека оваа фрлена гума е од самиот старт издишана и не поминува во јавноста. Лагите што денес Каракачанов ги лиферуваше на својот фејсбук-профил нема да му помогнат на неговиот пријател Зоран Заев. Заев и неговата влада не ги спасува ништо од сѐ поизвесниот крај, ниту спиновите ниту лагите на Каракачанов“,
се наведува во демантот на ВМРО-ДПМНЕ.