Изгласана самостојност и независност на собраниските служби. Вака од парламентот го поздравија изгласувањето на измените на Законот за Собранието.
Дел од измените се однесуваат на вработувањето и унапредувањето, за што на Собранието му се поголема автономност односно нема да има потреба да бара согласност од претставници на извршната власт. Една од новините е и тоа што ќе се формира ново тело – Совет на собраниска служба, кој ќе биде советодавно тело на генералниот секретар, а претседателот на Собранието ќе има можност да ангажира посебни советници.

„Мора да нагласиме дека досега, иако формално независно, Собранието како институција беше целосно зависно од Владата, во однос на позицијата на службата, нејзиното екипирање, унапредување и вработување. Во тој контекст измените што ги изгласавме денеска се од исклучително значење за службите. Да не заборавиме дека на плеќите на собраниските служби поминуваат најважните политички процеси во државата“,
вели Џафери.
Новите законски решенија ќе се применуваат од 2021 година.
Сите пратеници гласаа „за“
Измените на Законот едногласно беа донесени на пленарната седница. „За“ гласаа сите 82 пратеници кои беа присутни во пленарната сала, а претседателот Талат Џафери им се заблагодари на сите 123 пратеници зашто работеле во изнаоѓање на заедничко решение.

Токму овој парламентарен состав во заминување, рече Џафери, стави печат зашто направи основа за натамошно подобрување на Собранието, а консензуалноста за овој случај треба да биде пример во натамошното функционирање и уредување на системот во државата.
Опозицијата исто така изрази задоволство.

„Со донесувањето на овој Закон сегашниот парламентарен состав ќе го заокружи својот мандат и ќе ја запечати досегашната заложба на Собранието да стигне до позицијата која му е определена со Уставот, до она за што постојано се залагало – да биде независна институција. Законот ги овозможува потребните механизми за независно управување на Собранието кое мнозинство и натаму ќе го предводи. Сметам дека заеднички го дадовме својот максимум за консензуален предлог, учествуваа сите 120 пратеници, независно од нивната политичка припадност. Ова нека биде пример како може да се дојде до консензус за уредување на нашиот систем во земјата“,
рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Министерство за финансии нема да дава согласност за вработувања
Една од поважните измени што се направени е од финансиски аспект. Имено, финансиска согласност на годишниот план за вработување наместо Министерството за финансии ќе дава Буџетскиот совет на Собранието. Годишниот план и финансиската согласност за планот за вработувања ќе го предлага генералниот секретар и ќе ги доставува до Министерството за финансии и Министерството за информатичко општество и администрација, но само заради информирање. И поединечните согласности за нови вработувања наместо Министерството за финансии ќе ги дава претседателот на Собранието, но тие ќе треба да бидат во рамки на обезбедените пари во годишниот буџет на законодавниот дом.
Собраниските службеници кои остануваат долго на работа, некогаш и во текот на ноќта, сега ќе имаат можност за паричен надомест, односно Законот предвидува можност работниците што ќе бидат ангажирани за специфични потреби да земат до 30 отсто надоместок од основната плата.
Ќе се формира Совет на собраниска служба. Тој ќе функционира како советодавно тело на генералниот секретар и ќе има надлежност да предлага акт за внатрешна организација и за систематизација на работните места, како и надлежност да предлага пополнување на работните места преку интерен и јавен оглас.
Актите што ќе ги предлага советот ќе го носи генералниот секретар по добиена согласност од претседателот на Собранието.