Девет од 10 смртни случаи од ковид-19 биле во земји со високи стапки на прекумерна тежина кај населението
Светската здравствена организација оценува дека овој извештај мора да дејствува како аларм за будење до владите на глобално ниво
Новиот коронавирус и по една година од појавувањето сѐ уште е неистражена територија за науката. Нови сознанија секојдневно се појавуваат во научните списанија како резултат на постојани истражувања.

Едно од нив покажува дека стотици илјади смртни случаи од ковид-19 можеле да се избегнат ако стапката на прекумерна тежина во светот не беше толку висока.
Според Светската федерација за борба против прекумерната тежина, стапката на смртност од ковид-19 е 10 пати поголема во земјите каде што 50% или повеќе од населението има прекумерна тежина.
Во нивниот извештај се анализира односот на стапката на дебелина во земјите и смртните случаи од ковид-19, при што се открива дека околу 90% од смртните случаи од оваа болест се случиле во земји со високи стапки на прекумерна тежина.
Уште од самиот почеток на пандемијата лицата со прекумерна тежина се најдоа во ризичните групи од тежок облик на ковид-19, па дури и смрт од оваа болест.
Извештајот е објавен во Велика Британија, која има трета највисока стапка на смртност од ковид и четврта највисока стапка на дебелина во светот.
Јапонија и Јужна Кореја како позитивни примери
Во извештајот на Светската федерација за борба со прекумерната тежина се вели дека 2,2 милиони од 2,5 милиони глобални смртни случаи се во земји со висок степен на жители со прекумерна тежина, додека оние земји со пониско ниво немаат високи стапки на смртност.

Авторот на извештајот д-р Тим Лобштајн, постар советник за политика на Светската федерација за дебелина и визитинг-професор на Универзитетот во Сиднеј, вели дека следната пандемија што ќе се случи е онаа на прекумерна тежина.
„Земји како Јапонија и Јужна Кореја каде што имаат многу ниско ниво на смртност од ковид-19, имаат и многу ниско ниво на дебелина кај возрасните. Ковид-19 е само најновата инфекција која се влошува како резултат на проблеми со телесната тежина, но знаците за предупредување постоеја. Го видовме тоа во минатото со Мерс, Х1Н1 и други респираторни заболувања”,
вели тој.
Јохана Ралстон, извршен директор на Светската федерација, вели дека неуспехот да се решат основните причини за дебелината во текот на многу децении е јасна причина за стотици илјади смртни случаи што можеле да се спречат.
Светската здравствена организација оценува дека овој извештај мора да дејствува како аларм за будење до владите на глобално ниво.