Законот за јавно обвинителство и почитување и имплементација на договорите и со Грција и со Бугарија треба да бидат приоритет за Северна Македонија. Законот за јавно обвинителство треба да биде фокус на актуелниот парламентарен состав.
Ова се клучните пораки за приоритетите што ги испрати новиот еврокомесар за соседство и проширување Оливер Вархеји на попладневната прес-конференција во Владата во рамки на неговата првата посета на земјава.
„Сакаме да предложиме отворање пристапни преговори, тоа треба да започне уште пролетва, но тоа треба да дојде заедно со економски план за регионот. Се надевам дека на Самитот во Загреб ќе ја добиеме поддршката на земјите членки за интензивирање на нашето присуство, да го намалиме јазот во економскиот развој меѓу вас и нас и секојдневните животи да ни бидат поблиску едни од други“,
рече Вархеји.
Тој не сакаше да коментира што би содржел вонредниот извештај за напредокот на земјава, кој треба да се објави во февруари, бидејќи сè уште не почнале да го работат, но потсети дека за него е многу важен законот за јавно обвинителство.
Истиот приоритет тој го нагласи уште еднаш во своето обраќање, а ги спомена и изборите, потенцирајќи дека не сакаат да се мешаат, но очекуваат да добијат партнер во следната влада, без разлика кој ќе ја води.
„Откако ќе бидат отворени преговорите, предизвиците ќе бидат уште поголеми за Северна Македонија за да ја одржи динамиката и да ги испорачува потребните резултати. Важно е да постои национален консензус околу пристапувањето кон ЕУ. Потребно е Владата и сите други институции да ги имплементираат реформите и да продолжат со досегашната работа, а секако приоритет треба да се даде на новиот закон за јавно обвинителство. Се надеваме дека тоа ќе биде направено од страна на сегашниот парламент, тоа ќе биде добра порака за нашите земји членка. По изборите, се надевам ќе имаме сигурен партнер во Владата и веќе ја изразив мојата подготвеност да работиме со кој и да ја води таа влада. Клучно е и спроведувањето на Преспанскиот договор, без оглед на тоа која ќе биде следната влада и сметаме дека договорот со Бугарија исто така е приоритет кој треба да продолжи“,
порача еврокомесарот.
Тој соопшти и дека побарал од Европскиот парламент да одобри награда од 50 милиони евра за постигнувањата и резултатите на земјава во искористувањето на европските фондови и рече дека очекува да добие зелено светло.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски на прес-конференцијата рече дека очекува конечно во следните неколку месеци да почнеме преговори со ЕУ за кои чекаме 15 години и порача дека како земја со ништо нема да го загрозиме добивањето датум за преговори.
„Очекуваме ова сојузништво да продолжи и понатаму со новиот состав на Европската комисија. За нас е особено значајно што Европската комисија до крајот на овој месец ќе претстави предлог-документ за методологијата за преговори“,
рече Спасовски додавајќи дека се надева оти предлог-методологијата ќе ги задоволи очекувањата на Франција и ќе ги има критериумите што ги бараат другите земји.
Премиерот порача дека сите политички фактори што се наоѓаат во Владата имаат сопствена одговорност да работат на исполнување на целта и им порача дека треба да се внимава на секоја постапка и изјава, како и дека треба да се спроведат фер и демократски избори за да не се загрози процесот.