Откако државата плаќа за рекламите, политичките партии повеќе трошат за предизборна промоција во медиумите, покажува анализата на БИРН
Политичките партиите повеќе трошат за предизборна промоција во медиумите откако државата плаќа за емитување на нивните реклами на телевизиите, радијата, весниците и на порталите, покажува анализата на БИРН, со споредба на парите што партиите ги потрошиле за изборите во 2016, кога сами си ја плаќаа промоцијата, и буџетите за ланските претседателски и за годинашниве парламентарни избори за кои важат нови правила.
БИРН во анализата тргнува од податокот дека 12 партии и коалиции пријавиле дека потрошиле вкупно 2,5 милиони евра за реклама и за пропаганда за изборите во 2016. На ланските претседателски избори, кои се одржаа по измените на Изборниот законик од 2018 година, според кои буџетот преку Државната изборна комисија (ДИК) ги покрива трошоците за предизборна пропаганда, биле потрошени 3,6 милиони евра, иако се натпреваруваа само три кандидати, односно вкупно 3,8 милиони евра ако се земат предвид и локалните избори во три општини што се одржуваа паралелно со претседателските.
За предвремените парламентарни избори 6,5 милиони евра од ДИК
Годинава, ДИК предвидела буџет од дури 6,5 милиони евра за предвремените парламентарни избори на 12 април.
Според Изборниот законик, партиите може да потрошат најмногу по 110 денари по запишан гласач во изборна единица. Ако се земе предвид дека во Македонија има регистрирано близу 1,8 милион гласачи, секоја од партиите и коалициите теоретски може да потроши нешто повеќе од три милиони евра.
Но ова не се единствените пари што влегуваат во партиите. Нивните буџетски приходи се зголемија и по ред други основи:
– годишно делат 4,5 милиони евра на име на годишна буџетска поддршка, за разлика од порано кога таа сума беше околу 1,8 милион,
– последниве три години партиите делат 320.000 евра годишно за партиските центри за анализа и истражување.
Четирите партии за последните три години поделиле точно 800.829 евра
Партиско-истражувачките центри се воведоа од 2015 година во времето на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и за нив четири партии: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и БЕСА, за три години добиле вкупно 800.000 евра од буџетот, анализира БИРН.
Иако со посебна потсметка, тие се дел од партиите и спроведуваат аналитика, истражувања, обуки, трибини, семинари и работилници за потребите на политичките партии. Годишно се делат по 320.000 евра на четирите партии со најмногу пратеници во Собранието – или по 10.000 евра за обука добива секоја од четирите партии, додека остатокот од 280.000 евра се делат по друг принцип.
Во 2013 година, кога беше промовирана идејата за партиско-истражувачки центри, помалите парламентарни партии се жалеа дека се дискриминирани и имаше коментари дека законот ги дискриминира независните истражувачки центри.
Принципот на поделба е околу 60 проценти од парите се делат еднакво на сите четири партии, додека останатите 40 проценти се делат нерамномерно според тоа која партија освоила најмногу пратеници.
Според овие формули, БИРН доаѓа до податокот дека ВМРО-ДПМНЕ, како партија со најмногу пратеници, годишно зема околу 91.000 евра, СДСМ 85.000, ДУИ 74.000, додека БЕСА речиси 69.000 евра. СДСМ и ДУИ три години земаат пари по овој основ, додека ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА само две бидејќи подоцна ги формирале центрите.
Сумата што овие четири партии ја поделиле за три години е 800.829 евра.
Сите партии без исклучок тврдат дека овие пари ги користеле најмногу за анкети, истражувања и за обуки и според строгите законски насоки. Партиските центри не се посебни правни лица и партиите може да обезбедуваат дополнителни пари за нивно функционирање, меѓутоа законот забранува партиите да ги користат парите на центри за други цели.
Аргументација за воведувањето на овие центри е дека на овој начин ќе се подобрат политиките што ќе ги промовираат партиите.