Дезинфекциските средства, задолжителното физичко растојание и заштитните маски станаа наше секојдневие
Вкупната бројка на лица дијагностицирани со ковид-19 во земјава изнесува 101 214
Коронавирусот или невидливиот непријател на 26 февруари 2020 година влезе во С Македонија и потоа секојдневно со нетрпение се очекуваа нови информации.
На тој ден тогашниот технички премиер Оливер Спасовски, министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски заедно излегоа на прес-конференција и официјално соопштија дека жена што допатувала од Италија е првиот регистриран случај на коронавирус во земјава.
Оттогаш до денеска вкупната бројка на лица дијагностицирани со ковид-19 во земјава изнесува 101 214, бројката на оздравени пациенти е 90 685, на починати е 3 111, а бројот на активни случаи во моментов изнесува 7 418.

Вонредна состојба и карантин
Првиот потврден случај беше жена од Скопје родена 1970 година која престојувала во Италија и во земјава допатувала преку граничниот премин „Табановце“ на 26 февруари 2020 година, превезувајќи се во комбе во кое имало уште неколку лица. Веднаш беше сместена на интензивна нега во одделот за изолација на Инфективната клиника во Скопје по што властите почнаа со спроведување мерки, меѓу кои беше и 14-дневна изолација на останатите патници во комбето. На почетокот не препорачуваа здравите луѓе да носат маски, а потоа препорачаа да се носат и ракавици и маски за заштита од коронавирусот.
Потоа сите оние што доаѓаат од странство задолжително без сместувани во двонеделна изолација во приватни сместувачки капацитети низ земјава.

Две недели по првиот регистриран случај на новиот коронавирус, претседателот на државата Стево Пендаровски донесе одлука за воведување на вонредна состојба во земјата. Потоа следуваше и првиот карантин за Дебар, како и воведување полициски час првпат во историјата на земјава.
Одлуката за полициски час ја донесе техничката влада, која беше составена за да ги спроведе парламентарните избори. Полицискиот час беше воведен по нецел месец од првиот регистриран случај – на 22 март и траеше од 21 часот до 6 часот.
Пред да дојде до тоа, тогашната влада донесе и други рестриктивни мерки. На пример, на 10 март одлучи да се затворат сите основни и средни училишта, факултетите и градинките. Клуч на врата во текот на пролетта се стави и на рестораните, баровите, хотелите…
Полицискиот час, пак, се зголемуваше, и еден период почнуваше и во 16 часот попладне, а завршуваше во 5 часот наутро. Седевме во карантин и по цели викенди, а најдолгиот беше за Велигден – почна во 16 часот на 17 април (петок) и траеше до 5 часот на 21 април (вторник).

Коронавирусот направи промени и во образованието и спроведувањето на наставата. Сега наставата претежно се одвива онлајн, со исклучок на децата од прво до трето одделение кои посетуваат настава со физичко присуство.
Дезинфекциските средства, задолжителното физичко растојание и заштитните маски станаа наше секојдневие.
Со нетрпение се очекуваше Филипче
Во следните неколку месеци јавноста со нетрпение ги очекуваше прес-конференциите на министерот за здравство Венко Филипче. Тој ја соопштуваше дневната статистика на новозаболени, оздравени и починати лица, но зборуваше и за поединечни специфични случаи, ги појаснуваше мерките што се преземаат.
Тогаш, првпат и медиумските работници се соочија со поинаков начин на работа. Без физичко присуство на прес-конференциите, туку преку онлајн вклучувања, беше предизвик и за институциите и за медиумите да продолжат да ја известуваат јавноста за актуелните случувања на дневно ниво.

Почна вакцинацијата
Како што нетрпеливо се очекуваа сите вести и информации поврзани со коронавирусот во земјава така се следеше ситуацијата и во светот. Но, на насловните страници и во ударните термини во медиумите почна да се пренесуваат и обидите на медицинските научници низ светот во обидот да откријат вакцина против вирусот за кој никој ништо не знаеше.
Сега, една година подоцна, поголемиот број земји во светот водат процес на имунизација, а во С Македонија вакцинацијата започна пред десетина дена и првите ја примија вработените на Клиниката за инфективни и фебрилни состојби во Скопје. Тие ја примаат вакцината на производителот „Фајзер“, донација од нашиот северен сосед Србија.
Деновиве треба да пристигнат и 200 илјади вакцини од кинескиот производител „Синофарм“ по што, според најавите од надлежните, ќе почне масовната имунизација на населението.