Алијанса за Албанците писмено ќе побара од европските земји поддршка за владеењето на правото во земјава со тоа што ќе испратат обвинители и судии од ЕУ во земјава за разгледување на, според нив, монтираните политички процеси.
Ваквите најави од опозициската партија се даде во соопштението кое го испратија вечерва од средбата на лидерот Зијадин Села и генералниот секретар Арбен Таравари со официјалниот претставник од фондацијата „Конрад Аденауер“, Даниел Браун.
„Беше истакнат недостигот на политичка волја за борба против корупцијата, која е на високо ниво, за реформирање на судството и за решавање на монтираните политички процеси. Притоа, гостите како претставници на Фондацијата ’Конрад Аденауер‘ беа информирани дека за неколку дена Алијанса за Албанците ќе упати писмо до властите на ЕУ, Германија, Франција и Холандија, за директна поддршка во областа на правната држава во форма на екипи од европски обвинители и судии за разгледување на таквите спорови“,
соопштија од партијата.
Други теми на разговор на оваа средба биле и децентрализацијата, нацрт-законот за државјанство и правичната застапеност.
Од Алијанса за Албанците додаваат дека како партија од центарот на десницата, имаат стратешки стремеж за соработка со „Конард Аденауер“ и со партии од семејството на Европската народна партија (ЕПП).
Ова не е првпат Зијадин Села да бара обвинители и судии од ЕУ. Со таква идеја партијата излезе и во 2019 година кога изби аферата „Рекет“ каде беше вмешана поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.
И вчера, по пресудата од пред два дена за „Монструм“, заедно со коалицискиот партнер од Алтернатива, Африм Гаши, Села на прес-конференција имаше повик за судски тимови од ЕУ.