Механизмот Ковакс соопшти дека БиХ е виновна што нема да ја добие ветената количина вакцини од компанијата „Фајзер“ во март бидејќи не ги исполнила посебните барања на американскиот производител, меѓу кои и за обезбедување на соодветни фрижидери, пишува порталот „Балкан инсајт“.
Како што се наведува, на 29 јануари БиХ била информирана дека ќе прими 23.400 дози вакцини „Фајзер“, но од Ковакс наведуваат дека БиХ не ги исполнила условите за чување на вакцините, односно дека не обезбедила складишта со ниска температура, но и некои обврски од правен и административен аспект.
„По неколку разговори со ’Фајзер‘ во последните три недели, со жалење ве известуваме дека испораката на овие дози, кои требаше да бидат доставени во првиот квартал од оваа година, ќе се одложи до исполнувањето на дополнителни барања на ’Фајзер‘ за длабинска анализа“,
пишува во писмото.
За да помогне во решавањето на проблемот, Ковакс понуди да ги олесни разговорите меѓу претставниците на БиХ и ’Фајзер‘.
Од друга страна, Министерството за цивилни работи на БиХ инсистира на тоа дека ги исполниле сите свои обврски.
Босна и Херцеговина очекуваше 1,23 милиони вакцини од програмата Ковакс, што е доволно за околу 20 проценти од нејзиното население.