Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја повика Владата да го поднесе предлог-законот со европско знаменце
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека вметнувањето графа за етничката припадност во личните карти не е спротивно на Преспанскиот договор ниту, пак, Грција има задршки околу тоа
МИА денеска ја пренесува пораката од грчките власти преку портпаролот на Министерството за надворешни работи дека очекуваат доследно почитување на Преспанскиот договор
Има сериозна забелешка од амбасадор на наша соседна држава околу предлогот за запишување на националноста во личните карти, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, без притоа да прецизира за која соседна држава се работи.
Тој го повика премиерот Зоран Заев да го достави предлог-законот за тоа до Собранието со европско знаменце.
„Ако ние инсистираме во личните карти да стои националната припадност и тоа да биде во патните исправи, ако навистина Заев сака тоа да го направи, зошто тоа не го направи сега и нека го достави законот во Собранието со европско знаменце за да можам да се идентификувам себеси како Македонец. Зошто не го направи ако навистина има толкава желба, туку преку оние на кои им обезбедуваше логистика и друг тип помош пред изборите за да краделе гласови од ВМРО-ДПМНЕ, тие му се на услуга и со 100 000-200 000 амандмани прават филибастеринг. Инаку, апсолутно да, има сериозна забелешка од страна на амбасадор од страна на една соседна држава“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по средбата со раководството на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Грција не ги коментира изјави што доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ
МИА денеска ја пренесува пораката од грчките власти преку портпаролот на Министерството за надворешни работи.
„Се надеваме и очекуваме доследно почитување на предвиденото во Договорот од Преспа, нешто што е една од точките, критериумите што се однесуваат на пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ“,
ја пренесува МИА изјавата на портпаролот на грчкото МНР, Александрос Папајоану, од денешниот редовен брифинг.
За барањето на ВМРО-ДПМНЕ во личните карти да не биде вклучена придавката „северна“, Папајоану рекол дека не сака да коментира „што вели опозицијата во Северна Македонија“.
„Она што сакам да кажам е она што го кажа и Дендиас кога беше тука Османи. Секако, се надеваме и очекуваме доследно почитување на предвиденото со Договорот од Преспа, нешто што е една од точките, критериумите што се однесуваат на пристапниот процес на Северна Македонија и на почетокот на преговорите со ЕУ. Не би сакал да коментирам она што го кажува ВМРО во конкретниот случај“,
рекол портпаролот на грчкото МНР, пренесе МИА.
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека вметнувањето графа за етничката припадност во личните карти не е спротивно на Преспанскиот договор ниту, пак, Грција има задршки околу тоа.
Тој вели дека за да се направат вакви законски измени е даден збор откако тоа го побарала и аргументирала Беса уште во периодот кога се носеа уставните измени. Заев нагласува дека државјанството е една карактеристика што стои во документите, а етничката припадност друга и тоа никаде не е забрането.
Вчера претседателот Стево Пендаровски, во интервју за МКД.мк изрази противење на ваков закон и додаде дека ваков пример нема во ниедна демократија.
Заев денеска рече дека го прочитал и интервјуто на претседателот Пендаровски со коментар: „Тоа е убавината на демократијата“.