Шефот на државата вели дека, сепак, ќе го потпише законот, ако го изгласаат во таков облик, иако не се согласува тој детаљ да стои во личните документи
Претседателот Стево Пендаровски вели дека лично не се согласува етничката припадност да биде во личните карти – како што е предвидено со предлог-измените на Законот за лични карти што ги поднесе владејачката партија Беса, а за што има претходен договор со СДСМ.
Во интервју за МКД.мк, Пендаровски сепак најавува дека, веројатно, не би ставил вето на новиот закон, доколку тој биде донесен во регуларна постапка.
„Ако владејачката коалиција се договори, ако има мнозинство и ако законот биде донесен во регуларна постапка, јас немам многу големи аргументи контра таквиот став за да не потпишам указ. Но лично не се согласувам етничката припадност да биде во личните карти. Не постои демократска држава во светот во која постои етничка или религиозна припадност. Мене не ми пречи, не мислам дека тој закон ако биде донесен со таква одредба ќе ја растури државата ниту дека ќе има негативни последици. Лично не се согласувам, но ако го изгласаат во таков облик, јас ќе го потпишам указот, иако не се согласувам тој детаљ да стои во личните карти“,
вели Пендаровски.
Измените на Законот за личните карти моментно се во фаза кога во Собранието се преведуваат и прикачуваат во електронскиот систем над 1 200 амандмани на Левица, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави поддршка за етничката припадност во личните карти, но под услов во нив да остане старото уставно име на државата, што, пак, е неприфатливо за владејачките партии.
Резерва кон вакво законското решение имаат и дел од коалициските партнери на СДСМ, затоа што сметаат дека се нарушува граѓанскиот принцип. Премиерот Зоран Заев, пак, вели дека дефинитивно треба да се поддржат вакви работи бидејќи сме мултиетничка држава…